Првата изложба во 2024 година во КИЦ-Битола ќе биде поставена на 20 јануари во Офицерскиот дом. Станува збор за изложбата „Поема на атомите“ на Благојче Петровски.
– Живеењето во современиот свет, особено во последниве декади, е познатo и како време на хроничен и мултидимензионален стрес. Во време кога фреквенциите на стрес и негативност преовладуваат, кај сите нас на различен начин се појавува потребата за извор на нивно прочистување и обнова. Таквата потреба наоѓа израз во делата на оваа изложба, насловена „Поема на атомите“, кои верувам и се надевам дека придонесуваат ако не за прочистување тогаш барем за амортизирање на тежината на нашето секојдневие. Темата на изложбата и нејзино име „Поема на атомите“ се инспирирани од древната поезија на Руми, легендарниот поет и мистик од 13 век, кој во својата поема пее за атомите како израз на љубовта и прoчистувањето. Историјата и мудроста се споени во современиот јазик на слика, создавајќи мост помеѓу вековните стремежи на секој човек и денешниот свет – се наведува во најавата.
Минатата гoдина КИЦ-Битола реализира 43 домашни и меѓународни ликовни изложби.