Реплика на кинески компас

Во секоја земја може да се најдат особени и прекрасни нешта. Кина како повеќеилјадна цивилизација се одликува со грандиозни проекти и откритија. Меѓу нив може да се вбројат пронаоѓањето и употребата на компасот, всушност, првите компаси биле направени пред повеќе од 2.000 години за време на кинеската династијата Хан. Знаменитостите на Кина немаат крај

Знаменитостите на Кина

Најголем дел од истражувачите се согласни дека историјата на компасот започнала пред повеќе од 2.000 години за време на кинеската династија Хан. Првите компаси биле направени од лодестон, кој, всушност, е природно магнетизиран камен од железо, и биле користени за копнени патувања. Магнетизираната игла за првпат се споменува во 1088 година од страна на Шен Куо, а за првпат при поморско патување била користена во периодот помеѓу 1111–1117 година. Тој дал детален опис за тоа како магнетизирале игла со триење на нејзиниот врв со лодестон. Според Шен Куо, оваа игла понекогаш покажува на југ, а понекогаш на север.
Се верува дека првиот компас што се датира од вториот век пред нашата ера, но можеби и порано, бил наречен јужен гувернер или јужна насочена риба. Се претпоставува дека магнетниот компас во почетокот не се користел за навигација, туку за геомантија и претскажување на среќата. Најраните кинески магнетни компаси веројатно биле усогласување на зградите според геомантичките принципи на фенг шуи. Овие рани компаси биле направени со лодестон. Старите Кинези откриле дека каменот лодестон ги покажува магнетните полови. Раните компаси се користеле за да се изберат области погодни за изградба на куќи, одгледување култури и за пребарување ретки скапоцени камења. Компасите подоцна биле приспособени за навигација за време на кинеската династијата Сонг во 11 век. Всушност, најраното упатување на специфичен уред за пронаоѓање магнетни правци за копнена навигација е забележано во книгата на династијата Сонг, датирана од 1040–44 година. Постои опис на железна „риба насочена кон југ“ што лебди во сад со вода, порамнувајќи се на југ. Уредот се препорачува како средство за ориентација ноќта. Зонгјао во своето дело „Колекција на најважните воени техники“ запишал: „Кога војниците наидоа на мрачно време, а насоките на небото не можеа да се разликуваат… тие го искористија механизмот.“
Типичниот кинески навигациски компас бил во форма на магнетна игла што лебди во сад со вода.

Фигура на човек кој држи компас, династија Сонг. Фото Гери Тод

Кинезите во династијата Сонг и династијата Јуан користеле т.н. сув компас, иако овој тип никогаш не станал толку широко користен во Кина како влажниот компас. Доказ за тоа се наоѓа во „Водич низ шумата на работи“, објавен во 1325 година од Чен Јуанџинг, иако неговото составување се случило помеѓу 1100 и 1250 година. Сувиот компас во Кина бил т.н. сув висечки компас, дрвена рамка изработена во форма на желка обесена наопаку со штица, со лодестон затворен со восок, и ако се ротира, иглата на опашката секогаш ќе биде насочена кон северната кардинална насока.
Некои историчари посочуваат дека Арапите го пренеле компасот од Кина во Европа, а според други видувања, компасот бил пренесен од Кина до Европа и исламскиот свет преку Индиски Океан.

Кинески компас од 1760 година

Што, всушност, е компасот?

Компасот е навигациски инструмент за пронаоѓање на правецот споредено со Земјиниот магнетен пол. Се состои од магнетизирана стрелка што се врти според правецот на Земјиното магнетно поле. Со цел правилна ориентација во просторот, конструирани се различни компаси или бусолни инструменти чиј главен дел е магнетната игла. Магнетната игла претставува тенка силно намагнетизирана челична плочка, која е поставена на вертикален стожер така што слободно може да се движи во хоризонтална рамнина (поради Земјиниот магнетизам) и секогаш има својство да зазема правец југ-север. Делот што го покажува правецот север е посебно обележан.
Правецот југ-север што го покажува магнетната игла е познат како магнетен меридијан и претставува основен правец од кој се мерат хоризонтални агли и други страни светот. Во оваа смисла се дефинира и поимот магнетен азимут, кој претставува хоризонтален агол помеѓу магнетниот меридијан на конкретната стојалишна точка и правецот на која било друга точка мерен во смисла на движењето на стрелките на часовникот. Д.Ст.