Минатата година Земјата се загреа за 0,2 Целзиусови степена повеќе отколку што предвидуваа климатските модели. Иако тоа можеби не изгледа многу ако гледате само еден град или земја, на глобално ниво тоа е многу необјаснета топлина, пишува „Сајенс алерт“.
– Донекаде е загрижувачки што ниту една година не ги нарушила предвидувањата на научниците повеќе од 2023 година – тврди климатологот на НАСА, Гевин Шмит.
Температурната аномалија од 2023 година, според Шмит, се појавила од ведро небо и открила невиден јаз во знаењето на климатолозите за првпат по 40 години. Потоа сателитски системи почнале да нудат поглед на климатскиот систем на Земјата во реално време. Шмит предупредува дека ако оваа необјаснива аномалија не стивне до август, климатолозите ќе се најдат на непозната територија.
Изнесени се неколку теории за вишокот топлина над очекувањата што доаѓа од Ел Нињо и познатите стапки на зголемување на CO2. Некои од нив вклучуваат намалување на површинските аеросоли за ладење во превозот по регулаторните промени во 2020 година, зголемување на водната пареа што ја задржува топлината од ерупцијата Хунга Тонга-Хунга Хаапаи во 2022 година; а максималната активност во тековниот сончев циклус испраќа повеќе топлина кон нас.
– Дури и во комбинација, сето тоа не ја објаснува дополнителната топлина. Тоа би можело да значи дека планетата фундаментално се загрева и го менува начинот на кој климатскиот систем работи многу порано отколку што очекуваа научниците – вели Шмит.
Сепак, Шмит призна дека ненадејниот скок на топлината може да биде краткорочна аномалија или „слип“ во податоците.
– Постои ризик од комбинирање на краткорочната климатска варијабилност со подолгорочни промени – предупреди климатологот Зеке Хаусфатер.
Тој исто така забележува дека има некои рани знаци дека ова би можело да биде повеќе од привремена аномалија, вклучувајќи и забрзано затоплување на океаните ,прикажано со сателитски мерења на енергетскиот дисбаланс на Земјата. Нема знаци дека ова нагло зголемување на климатските индикатори ќе го промени правецот бидејќи штотуку стигнавме до десеттиот последователен месец на рекордно глобално загревање.