Во какви услови работат македонските работници? Колку од нив се пријавени и осигурени? Кој и колку се грижи за здравјето и безбедноста на македонските културни работници, спортисти, новинари, свештени лица, градежници, земјоделци и сите други… На овие и многу други прашања поврзани со безбедноста и здравјето при работа ќе одговараме секоја сабота, во 14.50, на Телма, вели Јулија Цветковска, новинарка и водителка на „Сигурна работа“.
– Во фокусот на овој проект е Законот за безбедност и здравје при работа и неговата (не)имплементација во многу сегменти од нашето живеење. Освен македонските, пренесуваме искуства и од соседните земји, како Албанија, Косово, Србија и Црна Гора – дополнува Цветковска.

Освен негативните искуства и позитивните пракси, „Сигурна работа“ ќе се обиде да информира и едуцира за сите придобивки и обврски што произлегуваат од правилна имплементација на законот.
– Законот за безбедност и здравје при работа е од суштинско значење кога се во прашање превентивните мерки и политики на работното место, без разлика дали истото е на сцена во театар, на спортски терен или на градилиште. Правото на заштита при работењето е гарантирано со Уставот. Токму затоа, во соработка со Македонското здружение за заштита при работа, како и другите субјекти, односно учесници во овој социјален разговор на темата за безбедна и здрава работна средина ќе се обидеме да им укажеме и на работниците и на работодавачите дека сигурна работа во секоја смисла е сè што ни треба на сите нас – потенцира Цветковска.