фото (видео принтскин)

Француски производител на пиво почна да користи алги со природен пигмент за да го направи своето пиво сино. Пивото, од брендот „Лајн” (Line), е резултат на желбата за популаризација на алгите како додаток во исхраната и соработката со блиска занаетчиска пиварница која барала начин да ги направи своите пијалоци попрепознатливи, пренесува „Ројтерс“.

– Пивото добро се продава, и има огромен интерес и љубопитност од страна на јавноста – изјави Себастиен Вербеке, вработен во „Хупи Урбан Брев“ (ХУБ) која го произведува пијалокот.

фото (видео принтскрин)

Сината нијанса на пивото доаѓа од спирулината, алга која се одгледува во басени од компанијата „Етика Спирулина“ во северна Франција. Компонентата на спирулината која ја дава сината боја, наречена фикоцијанин, се додава во пивото за време на процесот на подготовка.

Дегустирајќи свежо произведено шише пиво, вработената во пиварницата Матилде Ванмансарт го опишала како бујно, лесно и со овошни ноти, додека единствениот доказ за додадените алги е препознатливата боја.

Хавиер Деланој, чија фарма ја одгледува спирулината, изјавил дека по неколкуте тест-серии, пиварницата создала мешавина која што им се допаднала на клиентите.

Тој исто така додава дека 1.500 шишиња сино пиво биле продадени помеѓу октомври и декември минатата година, а пиварницата сега се подготвува да го зголеми производството за да ја задоволи побарувачката.