Кога одам на концерти обично ги гледам изразите на лицата во публиката, и тоа пред почетокот и по концертот. Сликам со фотоапаратот и сакам да ги споредувам фотографиите пред и потоа, и тоа по можност на случаен избор на дел од публиката. Така беше и на неодамнешниот концерт на херојот на повеќе генерации Џибони. Во големата маса народ (околу 4.000 посетители) можев да забележам различни изрази на исчекување, дали ќе биде добар концертот, дали тој ќе ги пее нивните омилени песни, дали музичарите ќе бидат на нивото, кој ќе биде тајниот гостин, дали Џибони ќе има кондиција да го испее целиот концерт… милион прашања што секој во публиката си ги поставува пред еден ваков настап.
Концертот почнува околу 20.20 часот. Светлата се гасат, а музичарите почнуваат да ја свират „Цесарица“. Публиката почнува да пее во еден глас и одеднаш се слуша гласот на Џибони. Не го гледам на сцената, се вртам, а тој горе, на скалите, меѓу публиката. Феноменален почеток. Доаѓа на сцена, се палат светлата, бината блеснува. На неа меѓу музичарите е и Никша Братош („Валентино“, „Црвена јабука“, „Соло“), потоа придружните вокали и гостите што се појавуваат подоцна во тек на концертот. Џибони не престана да пее и да ја забавува публиката, како вистински шоумен и лидер, а публиката не престана да ги пее негови песни: „Либар“, „Ходај“, „Посољени зрак и разливена тинта“, „Не одустајем“, „Миракул“, „Анџео у теби“, „Толеранца“, „Људи, звери и бештије“, „Онако од ока“… Емоции што ги погодуваат сите во публиката.
Се појавува и Влатко Стефановски, како гостин на концертот, со култните „Скопје“ и „Чувам ноч од будних“, која ја изведе заедно со Џибони. Два часа поминуваат како две минути. Публиката не сака да си замине. Прв бис, неколку песни. Тврдоглавата публика сака уште. Се враќаат вторпат, а Џибони има репертоар за концерт од 20 часа. Што и да испее, едноставно ја понесува публиката. И вториот бис помина. Никој не си заминува од салата. Излегува целиот оркестар, со придружните вокали, гостите, се поклонуваат, а музиката престанува по повеќе од два и пол часа, се палат светлата.
Публиката си заминува одушевена од овие прекрасни луѓе, музичари, едноставно сѐ беше на свое место. А Џибони – некои нешта едноставно се над сѐ. Секоја чест!

Љупчо Давчев