Кралицата Елизабета Втора стана првиот британски владетел што се наоѓа на тронот цели 70 години, со што започна годината на нејзиниот платинест јубилеј. Меѓутоа, овој историски датум не беше одбележан со голема церемонија, бидејќи 95-годишната кралица, традиционално, годишнината од смртта на нејзиниот татко ја поминува во приватност.
Сепак, за почетокот на јуни се закажани четири дена свечености, вклучувајќи воена парада, музички концерт, улични прослави, масовен пикник и „платинест пудинг-натпревар“. Изработени се и специјални комеморативни монети, за да се одбележи годишнината.
Нејзиното владеење започнало кога имала 25 години, додека била во Кенија со нејзиниот сопруг, принцот Филип, и кога дознала за смртта на нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести. Оттогаш, таа стана единствениот постојан актер во период на брзи општествени и политички промени, водач на модерна Британија и жива врска со нејзиното повоено и царско минато.

Кралицата, која според анкетите секогаш е најпопуларниот член на кралското семејство, на 23 јануари отпатувала во нејзиниот огромен имот Сандригам, на истокот на Англија. На имотот Сандригам, кралицата престојува во куќа со пет соби – Вуд фарм, каде што нејзиниот покоен сопруг често престојуваше откако се повлече од јавниот живот во 2017 година. Според британските медиуми, принцот Филип своето време таму го поминувал читајќи, сликајќи и шетајќи, во поскромна средина, далеку од слугите и кралската помпа.
Имотот од 8.100 хектари се наоѓа во близината на северниот брег на округот Норфолк. Често го користел таткото на кралицата, Џорџ Шести, кој таму починал од рак на белите дробови на 56-годишна возраст.
Само тројца владетели во светската историја владееле повеќе од 70 години. Францускиот крал на сонцето, Луј Четиринаесетти, владеел 72 години и 110 дена, од 1643 до 1715 година. Кралот на Тајланд, Бумибол Адулиадеј бил на тронот 70 години и 126 дена, од 1946 до 2016 година, а Јохан Втори, принцот на Лихтенштајн, владеел 70 години и 91 ден, од 1858 до 1929 година.