Зголемената употреба на ЛЕД-технологијата и другите видови осветлување го осветлуваат ноќното небо до „драматично ниво“ и, со сегашната брзина, повеќето соѕвездија нема да бидат видливи за 20 години, предупредуваат астрономите.
Прекумерното користење на надворешното осветлување, како што се уличното, рекламното и она на спортските објекти, ја намалува видливоста на ѕвездите, пренесува „Гардијан“.
Астрономите во 2016 година утврдија дека Млечниот Пат повеќе не е видлив на третина од населената територија на човештвото, а загадувањето со светлина оттогаш уште повеќе се зголеми.
– Ноќното небо е дел од нашата средина и идните генерации би биле многу лишени доколку не можат да го видат ноќното небо во неговото вистинско издание, исто како што би биле лишени од гледање птичје гнездо. Не мора да бидете астроном за да се грижите за ова. Не сум орнитолог, но ако не слушам птици што црцорат во мојата градина, би се чувствувал осиромашен – изјави британскиот астроном од „Кембриџ“, Мартин Рис.
Рис е основач на парламентарната група за следење на ноќното небо, која неодамна подготви извештај во кој повикува на мерки за избегнување на светлосното загадување. Се предлага, меѓу другото, да се формира министерство за ноќното небо, да се формираат комисија и одредени стандарди за интензитетот и насоката на осветлувањето.
Истражувањето на физичарот Кристофер Кјуб од германскиот центар за геонауки открива дека светлосното загадување сега создава ефект на осветлување на ноќното небо за 10 проценти годишно, што може да предизвика таков ефект дури и најсјајните ѕвезди да „исчезнуваат“ од небото многу брзо. Детето што се родило кога на небото се гледале 250 ѕвезди, денес до 18-годишна возраст може да види само 100.