Според туристичката компанија „Трипадвајзер“, Дубаи – рибарско село од 20 век што се „преобрази“ во глобално жариште за врвни патувања во 21 век – е најпопуларната дестинација во светот за 2022 година. Исто така, објавена е и листата на локации што се во тренд.
Платформата за патување штотуку ги објави своите „Травелерс чојс авордс“ за 2022 година и, иако ултрамодерниот Дубаи е на првото место, тој не е единствениот кандидат од Блискиот Исток. Годинешната листа се движи од европски дестинации до тропски и пустински екскурзии.
Листата на најдобро оценети и омилени места на „Трипадвајзер“ за 2022 година зад Дубаи ги вклучува: Лондон, Канкун, Бали, Крит, Рим, Кабо Сан Лукас, Истанбул, Париз и Хургада.
Секогаш популарно место, Дубаи полека се искачува во рангот на „Трипадвајзер травелерс чојс авордс“ во последниве неколку години и сега ја презеде круната на најпопуларна дестинација во светот во 2022 година – вели Џастин Рид, директор за медиуми, дестинации и патувања во „Трипадвајзер“, во изјава за Си-ен-ен.
Тој го опиша Дубаи како ултрамодерен град со „сè“ – од златни плажи, ресторани од светска класа до прекрасни хотели.
Со оглед на тоа што наградите според изборот на патниците се засноваат на рецензиите за местата за посета, престој и работи што треба да се прават на дестинациите, тоа значи дека дестинацијата добила одлични критики од патниците во сите нејзини туристички сектори – вели Рид.
Тој вели дека Дубаи се издвојува како омилена дестинација за патување на туристите кога им треба малку возбуда.
За луѓето што сакаат да патуваат во Дубаи оваа година, правилата за влез може да бидат комплицирани и да зависат од тоа од каде доаѓате. Патниците што пристигнуваат во Дубаи од повеќето земји мора да покажат негативен ПЦР-тест направен во рок од 72 часа по пристигнувањето, но тоа е скратено на 48 часа за пристигнувања од избрани дестинации.
Исто така, беа избрани најдобрите во категоријата дестинации што се во тренд, а на листата се најдоа: Мајорка, Каиро, Родос, Тулум, Дубровник, Ибица, Натал, Аруша, Ѓореме и Санторини.