Фото: Пиксабеј

Сите сопственици на кучиња доживеале ситуација кога нивното куче почнува гласно да лае штом здогледа друго куче. Која е точно причината за таквото однесување? Дали е тоа знак на агресија, повик за игра или нешто друго? Преку комбинација на научни истражувања и разбирање на психологијата на кучињата, откриени се некои причини. Лаењето е веројатно најпрепознатливата карактеристика на кучињата. Сите кучиња не лаат премногу, но помалите кучиња, како и разните песови, се повеќе склони кон тоа.

Комуникација и социјална интеракција

Кучињата го користат лаењето како една од нивните главни форми на комуникација. Истражувањето објавено во списанието „Анимал когнишн“ покажа дека кучињата можат да разликуваат различни видови лаење и можат да ги интерпретираат. На пример, кучињата можат да разликуваат пријателско лаење од предупредувачко. Кога вашето куче лае на друго куче, можеби се обидува да комуницира на пријателски начин: „Здраво! или „Кој си ти?“, а може да биде и нешто како: „Не ми се допаѓаш, не приближувај ми се!“

Територијалност

Кучињата се природно територијални животни. Според истражувањето спроведено на Универзитетот во Калифорнија, територијалното однесување кај кучињата може да биде предизвикано од инстинктивните потреби за одбрана. Кога вашето куче лае на друго куче во близината на вашиот дом, паркот, па дури и за време на прошетка, тоа можеби тврди дека има територија и се обидува да го заштити својот простор. Во овој случај, важно е да спречите каков било конфликт и да се консултирате со професионалец за тоа како да се однесувате во таа ситуација.

Социјална доминација и хиерархија

Научниците истражувале и како кучињата го користат лаењето за да воспостават социјална хиерархија. Студијата објавена во журнал за ветеринарно однесување покажа дека кучињата користат вокализации, вклучувајќи и лаење, за да воспостават доминација или подреденост во рамките на нивната социјална група. Ако вашето куче лае на друго куче, тоа може да биде обид да воспостави доминација или хиерархијата. Проблемот настанува доколку се сретнат две доминантни кучиња и може да дојде до конфликт. Секако, сопственикот треба добро да го познава својот миленик за да може адекватно да реагира.

Анксиозност и страв

Стравот и вознемиреноста се исто така вообичаени причини за лаење на кучињата. Истражувањето спроведено на Универзитетот во Хелсинки покажало дека кучињата што страдаат од анксиозност често го користат лаењето како начин да ги изразат своите чувства. Ако вашето куче лае на друго куче, тоа може да биде знак дека се чувствува несигурно или исплашено и дека го користи лаењето како начин да се одбрани.

Возбуда и игра

Некои кучиња лаат од чиста возбуда. Според истражувањето објавено во „Аплајд анимал бихејвиор сајенс“, лаењето може да биде знак на возбуда и покана за игра. Ако вашето куче е нормално пријателски настроено и лае додека мавта со опашката, веројатно се обидува да покани друго куче да си игра.
Разбирањето на причините зад лаењето може да им помогне на сопствениците на кучиња подобро да реагираат во ситуации кога кучето почнува да лае на друго куче. Ако лаењето е пријателско, оставете ги кучињата да се сретнат под надзор. Ако лаењето е агресивно или знак на вознемиреност, отстапете. Во ова треба да бидете сигурни и добро да го познавате вашето куче, неговите реакции и говорот на телото. Во ситуации кога не сте сигурни, подобро е да преминете на другата страна.

Фото: Пиксабеј