Годинашното 19. издание на традиционалната манифестација „Бела ноќ“, во организација на Универзалната сала, како препознатливо обележје на градот Скопје за активности од областа на културата на територијата на централното градско подрачје, се одржа во саботата, со богата програма од изложби, театар, концерти, кинопроекции и други културни содржини. Во активностите беа вклучени повеќе градски и национални институции, со цел да ја збогатат културната понуда на градот Скопје.
Организаторите приредија незаборавна вечер на централниот настан што се одржа на преполниот плоштад, поточно од задната страна на портата „Македонија“, со извонредната сценографија (3Д-мапинг на објектот) и исклучителниот концерт на кој музички композиции од Кире Костов изведуваше Биг-бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски, а солисти беа Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски. Посебно задоволство беше да се слушнат младите музичари ученици од 10 до 18 години од музичко училиште „Ентерпрајз“, кои приредија вистински рок-концерт.

– „Бела ноќ“ е вечер на уметност и креативност, кога улиците и местата во Скопје стануваат плато на кое се претставуваат различни видови перформанси и култура. Секоја година го заземаме градскиот простор и го трансформираме во место на интеракција и впечатливи перформанси. Очекувајте уметнички перформанси, музички бендови, изложби и многу повеќе. Со сигурност, ова ќе биде незаборавно издание на „Бела ноќ“ – порачаа организаторите од сцената поставена на портата „Македонија“.
Креативци од визуелните уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип), применетите уметности (архитектура, дизајн, мода, дигитални креации, видеоарт и инсталации), музика, филм, театар, урбани изведби и перформанси… ги претставија своите проекти и дела на повеќе локации во градот. Овие квалитетни, иновативни и оригинални идеи беа презентирани пред многубројната публика, која подобро се запозна со актуелното современо творештво, урбаната култура и јавната уметност, со живата култура што секојдневно се создава на територијата на градот.
Во рамките на програмата се одржа настанот „Култура во кутија“ на „Доминиум културно јадро“ во галеријата „КО-РА“ во домот на културата „Кочо Рацин“. Изложбата „Право на јавни простори“ на Факултетот за архитектура и дизајн беше отворена во галеријата „Остен“. Македонски филмски и музички достигнувања беа дел од програмата во Кинотеката на Македонија. Концерт на македонската рок-група „Никеја“ (со Славе Димитров и Весна Ѓиновска Илкова) се одржа во „Капан-ан“, а на плоштадот „Филип Втори“ традиционални македонски ора, во организација на здружението „Консеј“, изведоа КУД „Јонче Христовски“ и ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“.


Изложбата „Игри и мечтаења“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија беше отворена во галеријата „Артхаб“ во ГТЦ на вториот кат и на Зелениот покрив на ГТЦ. Театарски претстави, филмска и музичка програма се одвиваа на Факултетот за драмски уметности – Скопје. „Октомвриски музички поход“ беше насловен музичкиот настан на Школка во Градскиот парк на кој настапија групата „Педро хоризонте“, „Стефан Патаноски бенд“, „Занаду“, групата „Димиш“ и диџеите Раста Грл, Чарли и Јаска, а паркот беше преполн со млади луѓе.
Во Националната галерија на Македонија, во „Даутпашин амам“ можеше да се види изложбата на Симон Шемов, „Мултиверзум“, а во „Чифте-амам“ на Миле Корубин. Во Музејот на македонската борба беше поставена изложбата „Темелник на државноста“, во Музејот на град Скопје – „Загреб Лука Мједа“, во МСУ изложбата на Ѓорѓе Јовановиќ, „Горчлив шеќер“, и „Иднината како проект“. Во детскиот културен центар „Карпош“ имаше изложба на детски цртежи.
Сите настани беа дел од богатата културна понуда на Град Скопје како „Европска престолнина на културата 2028“. В.Д.