Почнува „Букстар“

Фестивалот „Букстар“ почнува денеска и годинава носи десет одлични европски автори, четириесетина македонски учесници од различни генерации, претставници на реномирани издавачки куќи и фестивали од пет држави од регионот, а програмата изобилува со настани. Во Скопје денеска пристигнуваат: Наџат ел Хачми (Шпанија), Миљенко Јерговиќ (Хрватска / Босна и Херцеговина), Лидија Димковска (Македонија / Словенија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург) и Софи Хана (Обединетото Кралство).
– Во рамките на овој активистички пристап е одбрана и самата добитничка на наградата „Букстар“, Наџат ел Хачми од Шпанија, која со години се бори за правата на жените, но и преку другите автори, кои отвораат горливи теми во своите родни држави, меѓу кои и Лидија Димковска (Македонија), која ќе го отвори фестивалот со својот ангажиран говор на темата „Со или без Please“ – велат од „Антолог“, организатори на фестивалот.
Свеченото отворање е вечерва, во 19.30, во киното „Фросина“ во МКЦ, со обраќање на Лидија Димковска, министерката за култура Бисера Костадиновска Сојчевска и Дејвид Гир, амбасадорот на Европската Унија во Македонија, кој ќе ѝ ја додели наградата „Букстар“ на Наџат ел Хачми (Шпанија) за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“.
Со добитничката на наградата на темата „Да се биде (поинаква) жена“ ќе разговараат Ана Јовковска, новинарка и книжевна истражувачка, и Александар Маџаровски, поет, преведувач и јутјубер познат како Читачот. Од 21 часот, во киното „Фросина“, Иван Шопов и Александар Маџаровски ќе разговараат со Драго Гламузина (Хрватска) и со Бранко Росиќ (Србија) на темата „За што да биде гласна регионалната книжевност?“
– Поради својата атипичност, регионалната книжевност може да претставува привлечен „пакет“ за остатокот на Европа. По еден подолг период на оддалечување се случува период на приближување. Но дали е дојдено време за заеднички настап? – велат организаторите за темата.

„Букстар“ годинава за првпат ќе понуди превод на дел од настаните на знаковен јазик. На фестивалот ќе се работи и на стратегија за пробив на македонската и регионалната литература на големите книжевни пазари во Европа, а за таа цел во Скопје се состанува работна група.
Прва фестивалска програмска активност е доделување на наградите „Драги“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од 14 часот. Во најтесен круг за наградата влегоа преведувачите: Љубица Арсовска, Никола Ѓелинчески, Иван Шопов, Анастасија Ѓурчинова и Златко Панзов. Во оваа пригода ќе се случи и потпишување меморандум за соработка меѓу издавачката куќа „Антолог“, како организатор на наградата, и Филолошкиот факултет како нивен партнер. Како што беше соопштено, на овој настан ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик. Најавено е и личното присуство на преведувачката за настанот. В.Д.