Тим археолози од музејот „Пен“ пронашле кафеана стара 5.000 години, со отворена трпезарија и делумна кујна. Кафеаната се наоѓа во јужниот антички ирачки град Лагаш, сега познат како Ал-Хиба. Археолозите откриле дека во кафеаната има клупи, просторија што служела како фрижидер, фурна и остатоци од стара храна.
Директорката за истражување Сара Пицименти од Универзитетот во Пиза предложи тимот наместо да копа директно надолу, да користи поинаков пристап, со ископување на областа со хоризонтално копање. Користејќи го овој пристап, тимот откри дека гостилницата е само 50 сантиметри под површината.
– Откривањето локација како оваа јавна кафеана стара речиси 5.000 години толку блиску до површината е неверојатно. Само прецизно, повеќефазно хоризонтално ископување може да открие што останува – рече Холи Питман, директорка на Археолошкиот проект Лагаш (LAP) и кураторка на Одделот за Блискиот Исток на музејот „Пен“.
Лагаш бил еден од најстарите и најголеми градови во Месопотамија околу 3.000 година пр. н.е. Поради околните мочуришта и плодното земјиште, тој бил главен производствен центар за земјоделство и риболов.
Питман и тим меѓународни истражувачи се вклучени во археолошкиот проект Лагаш веќе четири години. Од почетокот на истражувањето во 2019 година, археолозите пронајдоа две куќи, патишта, улички, печки за печење керамика, кои останале недопрени илјадници години.
Питман вели дека жителите на Лагаш не биле ниту елити ниту робови, туку слободни луѓе што живеат во урбани населби, што е поинаков пристап отколку што претходно мислеа археолозите кога ископуваа такви области.
– Веројатно она што го имаме, а особено во несигурна средина како јужна Месопотамија, е тоа што има широка група луѓе што би можеле да ги сметаме за „средна класа“ во текот на третиот милениум. Тие имале слобода на дејствување; носеле одлуки. Немале нужно богатство, но во голема мера биле независни и имале мобилност – објасни Питман, пишува „Јерусалем пост“.