Научниците открија бактерии што се хранат со пластика, разградувајќи го отпадот во микропластика, а тоа може да биде еколошки проблем. Загадувањето со пластика, всушност, е надвор од контрола – секоја година повеќе од осум милиони тони синтетички полимери влегуваат во океанот и додека некои тонат на дното, се враќаат на брегот или се собираат на некаде, значителен дел не се знае каде завршува. Имено, целата таа пластика што недостига е мистерија, но некои истражувачи се сомневаат дека гладните микроби се делумно одговорни за нејзиното „исчезнување“.
Имено, експериментите во лабораторијата сега покажаа дека одреден тип морски бактерии полека може да ја разградат и да ја сварат пластиката направена од полиетилен, која главно се користи во амбалажата и е најчесто произведена пластика.
– Ова е првпат на овој начин да докажеме дека бактериите, всушност, ја разградуваат пластиката во јаглерод диоксид и други молекули – вели микробиолошкиот еколог Мајк Гудријан од Кралскиот холандски институт за морски истражувања, пренесува „Сајенс алерт“.
За да ги имитира природните начини на кои пластиката се распаѓа на површината на океанот, Гудријан ги изложува пластичните примероци на УВ-светлина и ги става во вештачка морска вода. Со мерење на нивото на изотоп на јаглерод ослободен од пластиката во распаѓање наречена јаглерод-13, авторите процениле дека полимерите во нивните експерименти се распаѓаат со стапка од околу 1,2 отсто годишно. Тимот не може да биде сигурен колку УВ-ламбата ја разбила пластиката во споредба со микробната активност, но бактериите очигледно одиграле улога.
Стапката на распаѓање на пластиката идентификувана во тековната студија е премногу бавна за целосно да го реши проблемот со пластичното загадување во морињата и океаните, но покажува каде можеби отишол дел од пластиката што недостига од нашата планета.
– Податоците покажуваат дека сончевата светлина на тој начин би можела да деградира значително количество лебдечка пластика што е фрлена во океаните од 1950 година – вели микробиологот Аналис Делре.
Од 2013 година, истражувачите предупредуваат дека микробите преживуваат на пластични делови во океанот, формирајќи синтетички екосистем што стана познат како „пластисфера“. Постојат дури и докази што сугерираат дека некои од овие микроби се приспособуваат на јадење различни видови пластика.
Претходните студии идентификуваа специфични бактерии и габи, на копно и во морето, кои јадат пластика. Но иако тоа знаење може да ни помогне подобро да го рециклираме нашиот отпад пред да заврши во дивината, неговите други намени се контроверзни.
Некои научници предложија да ослободуваме пластични еквиваленти во жариштата на загадувањето како што е големиот куп отпад во Пацификот. Други не се толку сигурни дека тоа е добра идеја. Конструираните ензими и бактерии што ја разградуваат пластиката можеби звучат како одличен начин да го снема нашиот отпад, но некои експерти се загрижени за несаканите ефекти врз природните екосистеми и синџирот на исхрана.