Во чест на Дејан Аргировски, кој учествуваше во формирањето на бендот

Познатата музичка легенда Ристо Вртев, по повод 35-годишнината од формирањето на култната група „Архангел“, во едно интервју раскажува: „Групата ја формиравме во 1988 година со комшиско момче, кое, за жал, почина, Дејан Аргировски, кој свиреше бас и ритам-машина…“ Син ми Дејан Аргировски (1968-1994) е роден во Куманово, а во музичките бранувања навлезе кога се преселивме во населбата Аеродром во Скопје. Тука уште од детството најмногу се дружеше со музичката младина од новата населба, меѓу кои беа Ице Ставрев и Ристо Вртев, а потоа и со Илија Пејовски, Миле Брзанов и други. Поради надарениот слух, другарите му го дадоа прекарот Ушко. За неговото музичко творештво повеќе факти се објавени во првата македонска рок-енциклопедија што ја подготви Тошо Филиповски.
Музичката кариера на Дејан започна многу рано. Често на синтисајзер и гитара свиреше стари револуционерни народни македонски песни и македонската државна химна. Кон крајот на 1983 година, кога наполни 15 години, заедно со Марјан Бојаџиев (синтисајзер) и Драган Гиновски-Гино (гитара) го формираа електро-поп триото „Гино де Гаги и нивните страсти“.

Единственото демо што го снимија во 1984 г. со придружни вокали, Ристо Вртев и Ристо Ставрев, се случи дома кај нас. Од неколкуте направени демо-снимки, зачувана ќе остане само „Живеам-умирам“, песна на Дејан, која самиот и ја испеа. Иако успехот беше забележителен, син ми се запиша во гимназија и потоа на факултет, но истовремено настојуваше што повеќе да ја прошири својата музичка наобразба, навлегувајќи поинтензивно во новиот американски звук. Имаше над 300 грамофонски плочи со светски хитови од рок-музиката, од кои голем број, по негов список и желба, му ги купував во специјални музички продавници при моите новинарски посети на Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Трст, Будимпешта, Солун…
Неговата идеја за нов бенд сѐ повеќе созреваше, особено летото 1988 г. кога повторно во Аеродром се сретна со Ристо Вртев, дојден од Белград, каде што веќе живееше. Се договорија да создадат нов модерен рок-состав. Само тие двајца (гитара и бас и ритам-машина) започнаа со првите интензивни проби преработувајќи го веќе постојниот материјал на Вртев од времето на „Мизар“: „Исус“, „Луна“, „Молк“, „Архангел“, „Брчки“, „Ладно оружје“. По препорака на Дејан, звукот го збогатија со уште една гитара, ангажирајќи го Драган Гиновски-Гино. Бендот го крстија по митскиот бог на христијаните, Архангел, што беше наша домашна слава. Првите снимки на бендот беа нивна влезница на тогаш најпознатите југословенски фестивали, „ЈУРМ“ и „Омладина“. Уште од самиот почеток бендот ја имаше наклонетоста на југословенскиот и македонскиот младински печат, што помогна во создавањето на култот на „Архангел“, воздигнувајќи ги заслужено до пиедесталот на најзначаен македонски рок-бенд во самостојна Македонија. Таквиот сѐ уште неекипиран бенд, во јануари 1989 г. доби покана за настап во Скопје, поради што привремено го ангажираа тапанарот Панта Џамбазовски. Првиот концертен настап го имаа на 14 јануари во 1989 г. во домот на млади „25 Мај“, на манифестацијата наречена „Рок дружење 1“. Премиерниот настап беше со три песни, а учествуваа и други бендови: „Талични Том“, „Клержо“, „Премиер“ и „Торнадо“. Ефектот беше изненадувачки многу добар, за што ги добија првите афирмативни написи, пред сѐ во весникот „Млад борец“. Потоа „Архангел“, во состав: Ристо Вртев, Дејан Аргировски, Драган Гиновски и Зоранчо Цветковски, имаше мошне забележителен настап на концертот во чест на роденденот на „Млад борец“ во дворот на палатата „Шкаперда“ во Скопје.

Новиот музички бран привлече публика на тротоарите и улиците од каде што одекнуваа аплаузи. Добија подобри услови за проби во Домот на борците. Во студио на РТС снимија нов демо-материјал, кој ги содржи сите песни од нивниот деби-албум „Сениште“. По двомесечни интензивни проби имаа настап во белградскиот клуб „Академија“ во 1989 г., потоа два настапа во Суботица на фестивалот „Омладина“, каде што успеаја да влезат во финалето. Коментарите од музичките новинари беа многу мотивирачки. И не само тоа. Композицијата „Архангел“ стана дел од редовниот компилациски албум на фестивалот. Тоа истовремено беше прво појавување на „Архангел“ на носач на звук. На 5 септември истата година бендот настапи во Загреб, на фестивалот „Контравизија“, пародија на евровизиската треска во Југославија, со победата на групата „Рива“.
По враќањето во Македонија, групата ги имаше своите први концерти на домашен терен, прво заедно со „Супернова“ на „МРА Скопје“ на 9 септември, а потоа на 7 октомври 1989 г. на градскиот плоштад. Тоа се и последните настапи на Дејан како бас-гитарист на „Архангел“ и воопшто како музичар на сцена. Тој самоиницијативно се повлече од бендот поради постојано ангажирање во Радио Скопје, како новинар и водител, но остана да ги води менаџерските работи за групата. Успешно го организираше заедничкиот концерт на „Архангел“ со „Санс“ во 1992 година на Архитектонскиот факултет во Скопје. Овој концерт беше еден од клучните културни настани на македонската сцена во првата половина на 1990-тите. Како радионовинар беше ангажиран во емисијата „Максимумрокенрол“ на Македонското радио (Втора програма). Неговата емисија „Метал циркус“ беше многу слушана. Веќе кон средината на наредната година како зародок на сега култното музичко радио Канал 103, Дејан ја конципираше и ја водеше во живо емисијата „Револвер“. Тој беше еден од најагилните промотори на нова музика во Канал 103, паралелно пишувајќи за новиот музички бран и во музичкиот магазин „Тротоар“.

На негови 26 години му беше откриена Кронова болест на тенкото црево. Оперативниот зафат беше успешен, но по тримесечно закрепнување му се појави опасна жолтица, која беше причина и за неговата ненадејна смрт. Големата загуба создаде непрежалената емотивна болка на мајката, таткото, сестрата, на многубројни роднини, пријатели и на неговите верни другари од музичката сцена. По тој повод бендот „Архангел“ промовираше песна посветена на Дејан, преработка на една од неговите омилени „Never Talking To You Again“ од Хаскер Ду. Потоа во негова чест на 27 октомври 1994 г. магазинот „Тротоар“ организираше концерт „Трибјут ту Ушко“ во МКЦ. За овој прекрасен концерт неговиот другар Тошо Филиповски објави прилог во емисијата „Досие“, а беше објавено и компилациското цеде „14 песни за Ушко“, промовирано во септември 1995 г., на кое се најдоа најзначајните изведби на бендовите што учествуваа на концертот, но и две теми на кои свири Дејан: „Исус“ со „Архангел“ и „Живеам-умирам“ со „ГДГИНС“. За обележување е дека „Живеам-умирам“ во која свири и пее Дејан со Мајо и Гино стана интегрален дел и од словенечката компилацијата „Екс-ју електроника вол 8“. Секако ова се само некои од темелните вредности на новите музички бранувања во создавањето на рок-музиката во Македонија. Во целина скопскиот бенд „Архангел“, предводен од лидерот Ристо Вртев, во изминатите 35 години создаде нов домашен квалитет на колоритни музички творби со прекрасни рок-звуци за незаборав кај нас и пошироко на Балканот и во Европа.

Драги Аргировски