Фото: ЕБУ

Нашата евровизиска претставничка Андреа Коевска, вечерва настапува 11-та во второто полуфинале на 66. издание на „Евровизија“, што ќе се одржи во салата „Пала Олимпико“ во Торино, Италија.

Таа својата песна „Circles“, што ја компонираше Александар Масевски, ќе ја испее пред 12.000 присутни во салата, но и пред телевизиски аудиториум од 200 милиони гледачи.

По сите перипетии со знамето, МРТ одлучи таа, сепак, да нѐ претставува на овој престижен фестивал, а дали Македонија ќе има свој претставник в година допрва ќе се одлучува.

Инаку, на втората генерална проба Андреа звучеше многу сигурно, а настапи со своите придуржни вокали, Ана и Рената, на забавата во евровизиското село во Торино и беше бурно поздравена.

– Во Прес – центарот во Торино сѐ уште ја нема онаа мешаница и возбуда, но доаѓаат постојано новинари од 40-те земји учеснички на фестивалот. Андреа ужива симпатии меѓу колегите-новинари и сите го истакнуваат нејзиниот моќен глас и впечатливата изведба на убавата балада „Circles“, која доби и мному комплименти и на официјалната евровизиска страница. Во Торино е и нејзината кореографка Билјана Пашариковска Масевска, стилистката Цаци Паковски и уште неколкумина членови на евровисиката делегација. Придружните вокали на Андреа, Ана и Рената нема да се појават на сцената, туку само ќе се слуша нивниот глас, а таа ќе настапи облечена во црно – ни рече Валентина Ѓорѓиевска, единствена новинарка од Македонија, која во живо ја следи „Евровизија 2022“ во Торино.

Таа додаде дека тука сите уечсници ја поддржуваат Украина, со носење на знамиња и други симболи на оваа земја.

На вечерашното второ полуфинале, ќе има 18 уечсници. Ќе ги слушнеме преставниците на: Србија, Финска, Израел, Азербејџан, Грузија, Малта, Сан Марино, Австралија, Кипар, Ирска, Естонија, Романија, Полска, Црна Гора, Белгија, Шведска и Чешка.

МРТ ќе врши директен пренос на Првата програма.

М.Т.