Андреа во Мадрид

Промотивните евровизиски настани се одличен тренинг за учесниците на најголемиот музички фестивал во Европа, а оваа година, во пресрет на 66-тото издание, загревањето за трката во Торино беше заокружено со голема предевровизиска забава во Мадрид, Шпанија.

Изминатиот викенд, на сцената на еден од најпознатите клубови во Мадрид, „Сала ла ривиера“ настапија повеќе од 20 од годинашните учесници на „Евровизија“, вклучувајќи ја и македонската претставничка Андреа, како и 13 специјални музички гости.

– Мадрид за мене беше најубавото искуство од целата промотивна турнеја, можеби затоа што бевме свесни дека е последно и дадовме сѐ од себе на таа сцена. Ова беше најдобрата ноќ во мојот живот, шпанската публика со нејзината енергија и поддршка е едноставно прекрасна- вели Андреа.

Шпанците, познати како едни од најстрасните евровизиски фанови, за време на настапот ја придружуваа Андреа во еден глас со бурни овации, а во коментарите постојано се потенцира дека нејзината вокална интерпретација во живо станува се подобра.

– На промотивната турнеја успеав да скршам многу граници во себе, ги осознав своите можности и научив како да ја контролирам тремата. Ја сакам тремата, таа е мој пријател и ми овозможува да дадам максимум на сцената – дополнува македонската евровизиска претставничка.

Настанот во Мадрид вклучуваше и средба со медиумите и фановите на виолетов килим, како и бројни интервјуа и снимања за специјализираните евровизиски страници. Настанот беше проследен и од националната телевизија на Шпанија, ТВЕ.

Со настапот во Мадрид учесниците на овогодишниот натпревар за песна на „Евровизија“ ја заокружија промотивната турнеја, но се соочија и со фактот дека Торино е на само две недели одовде. Како се подготвуваат останатите изведувачи не знаеме, но Андреа вели дека е целосно посветена и секојдневно работи на усовршување на својата изведба.

За потсетување, „Евровизија“ годинава се одржува во две полуфинални вечери на 10 и на 12 мај, кога настапува и Андреа, а финалето е закажано на 14 мај. М.Т.