Постојат барем 100 различни бактерии и вируси што мувата може да ги пренесе, тврди Томас Џ. Даниелс, научник и директор на еколошката лабораторија на универзитетот „Фордхам“, во Њујорк

Мувите се едни од најраспространетите инсекти на планетата и често ги има околу и во населените места. Има два вида муви, едните цицаат крв и имаат устен апарат за убоди, а кај другите усниот апарат е приспособен за лижење. И едните и другите можат да бидат преносители на заразни болести.
Всушност, постојат повеќе од 100.000 вида муви од редот Diptera. Сите тие, вклучувајќи ја и обичната домашна мува, се мали подвижни биоризици што се целосно подготвени да ве инфицираат. Овие здодевни, на изглед безопасни инсекти, се всушност совршени носители на над 100 различни патогени зарази, штетни за луѓето.

Токму затоа сте се запрашале ли што се случува кога мува ќе слета на храна, дали таа е безбедна за јадење? На сите нас ни се случило со рака да одмавнеме за да избркаме некоја мува додека ручаме или вечераме, секако во летниот период, но дали треба да бидеме загрижени од тој краток допир со овој инсект.
– Постојат барем 100 различни бактерии и вируси што мувата може да ги пренесе – тврди Томас Џ. Даниелс, научник и директор на еколошката лабораторија на универзитетот „Фордхам“, во Њујорк, САД.
Како што пренесува магазинот „Хелти“, кога мувата ќе ги собере бактериите, може да ги пренесе секаде околу себе. Едно од местата е вашиот оброк, дури ако стоела на него само неколку секунди.
– Постои ризик од зараза и болести, без оглед на тоа што количеството бактерии е мало – тврди Даниелс.

Сепак, поголема опасност доаѓа тогаш кога мувата повраќа. Да, звучи морничаво, но така е. Бидејќи инсектот кога ќе застане на храната не сака да ја изеде, туку на неа испушта сокови, за да ја омекне и потоа да ја изеде во течна состојба. Но ова не е најлошиот дел.
Телесната течност што ја испушта на храната е полна со бактерии, кои подолго време се задржуваат во мувата отколку на нејзиното тело, а тоа значи дека многу е поголема шансата за зараза.
– Некои од болестите што мувите можат да ги пренесат се навистина опасни. Тука спаѓаат ешерихија коли, хепатитис А и ротавирус. Меѓу опасните болести е и шигелоза, која предизвикува пролив, висока температура и неподносливи болки во стомакот – вели Брент В. Ларц.

Тој додава дека не мора веднаш да се крева паника и да се фрла храната на која слетала мува. Таа најмногу може да пренесе зараза доколку била на живо месо или на валкани површини.
Д-р Ларц советува да се одржува кујната чиста, бидејќи така се помали шансите за зараза. Исто така, само една мува на храната нема да ве зарази, треба да се загрижите доколку јадете надвор и за кратко време повеќе муви го допираат она што го јадете.
Уште една опасна ситуација е доколку мувата ги положи своите јајца на храната. Не е во прашање инстант опасност, но ако е оброкот на отворено ден-два, може да се изроди цела колонија црви.
Бидејќи летото е на прагот, треба многу да внимаваме каде и што јадеме.

Кога мува ќе слета на ѓубре или на измет од вашето куче, па потоа на вашата скара и на вашата салата, ви носи по нешто од сѐ што допрела пред тоа. Секоја просечна домашна мува Има голема веројатност да носи со себе и салмонела.
Исто така, мувите можат да ве инфицираат и со антракс, туберкулоза, паратифоидни трески, дизентерија, колера и многу други заболувања, кои предизвикуваат различни степени дијареа. И сето тоа само од домашната мува.
Егзотичните муви на кои може да налетате за време на вашиот одмор носат уште полоши патогени супстанции, а една од најопасните е африканската мува цеце. Инфекцијата со трипаносоми преку мувата цеце е наречена спиечка болест, бидејќи нападот на нервниот центар прво го напаѓа мозокот што жртвите ги прави исклучително летаргични.
Песочните муви од Јужна Америка, Африка и делови на јужна Европа се носители на микроорганизмот лајшманија, кожно заболување, кое предизвикува гнојни чирови, кои никогаш не зараснуваат и ве прават ужасно подложни на понатамошни инфекции.