Површина: 268.021 квадратен километар
Население: 4.933.600 жители
Главен град; Велингтон

Нов Зеланд е остров во југозападен Тихи Океан, 2.000 километри оддалечен од Австралија. Освен Јужниот и Северниот, во својот состав има уште неколку помали острови. Главен град е Велингтон, а најнаселен Оукленд. Нов Зеланд, познат и како земјата на долгиот бел облак, е последното место што е населено на Земјата. Првите жители дошле од источна Полинезија во 13 век. Тие се населиле во племенски сојузи, како Маори. Многу години подоцна, истражувачот Џејмс Кук дошол на островот и ја однел мапата во Британија. Маорите им го отстапиле суверенитетот на Нов Зеланд на Британците во замена за заштита на нивната земја од Франција, која сакала да ги колонизира. Златото било откриено во 19 век и тогаш Британците дошле во голем број. Маорскиот поглавар Хоне Хеке во 1845 г. организирал големо востание против Британците, што го означило почетокот на Маорските војни, што траеле до 1972 година. Домородците биле поразени и загубиле поголем дел од земјата, а освен од војните, масовно умирале и од болестите што им ги донеле доселениците. Земјата на долгиот облак е долга 1.600, а широка 200 километри. Има неверојатна флора и фауна. Со оглед на тоа дека Нов Зеланд е изолиран од остатокот на светот, тука преживеале некои фосилни суштества. Едно од нив е туатара, најпримитивна жаба што нема развиен систем за живот во вода, како и разновидни гуштери.

Овој остров се наоѓа на местото каде што се допираат пацифичката и индоавстралиската тектонска плоча, каде што настанале младите планини Јужни Алпи, па поради тоа вулканските ерупции на северниот остров се чести. На југозапад, ридовите високи од 1.000 до 1.600 метри стрмно се издигаат над тешко достапниот брег, расчленет со фјордови. Тука се наоѓа националниот парк Фјордленд. Најпознат е фјордот Милфорд Саунд, кој е прогласен за осмо светско чудо. Нов Зеланд е познат и по прекрасните плажи. Најпозната е Пиха, каде што песокот е црн. Таа е рај за сурферите. Со својата атрактивност се издвојува и плажата Мореуки, која ја красат нестварно големи тркалезни камења, кои личат на џиновски желки.

Една од најпосетените е термалната плажа Хот Вотер Бич, со исклучително топла вода, која ја подгрева вулканското тло. На плажите е вообичаено да се оди со лопатка, бидејќи за време на осеката се копа дупка во песокот, а потоа се чека неколку минути да се наполни со вода и, ете, имате свое термално џакузи, само неколку метри оддалечено до студениот Тихи Океан. За неверојатно убавата приода на Нов Зеланд се снимени многу филмови, а тука се снимаше и трилогијата „Господар на прстените“.
Од другата страна на глобусот климата е по мера на човекот. Таму владее вечна пролет и токму таквата клима придонесе голема површина од државата да е постојано покриена со зеленило.