Гости на концертот што ќе се одржи на 2 ноември, во СРЦ „Борис Трајковски“, ќе бидат пејачи од Македонија и од целиот Балкан што на некој начин се поврзани со кариерата на Тоше, соработувале со него или биле блиски пријатели, велат од фондацијата „Тодор Проески“

Голем број балкански и домашни ѕвезди ќе пеат песни на Тоше Проески на концертот што во негова чест ќе се одржи на 2 ноември во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
На концертот ќе биде промовиран и албумот „Secret place“, со досега необјавени песни на англиски јазик, а една песна ќе отпее и неговиот внук Кристијан Ристески, кој студира соло-пеење на факултетот ЕСРА. Станува збор за „We are blood“, со која тој ќе зачекори на македонската музичка сцена. Песната е снимена во студиото на Енди Рајт во Лондон, кој заедно со Кристијан е автор на текстот посветен на Тоше. За темата е реализиран и спот, а во улога на режисер се појавува Александар Пауновски.

Албумот „Secret place“ содржи вкупно 10 песни, од кои три се преработени хитови на Тоше, со нови аранжмани, а за две од нив се снимени и спотови, што ќе бидат премиерно прикажани.

Инаку, музичарите на сцената ќе ги придружува бендот на Тоше, а пробите се веќе во тек. Гости на овој голем концерт ќе бидат пејачи што на некој начин се поврзани со кариерата на Тоше, соработувале со него или биле блиски пријатели од целиот Балкан – велат од фондацијата „Тодор Проески“.

В петок ќе ги слушнеме Антониа Гиговска и Александар Тарабунов, кои беа дел од мјузиклот „Тајно моја“, кој беше поставен во МОБ по повод десетгодишнината од неговото заминување. Меѓу учесниците се и: Тијана Дапчевиќ, Тамара, Каролина Гочева, Наум Петрески, „Фрајле“, Бојан Маровиќ, Ања Рупел, Владо Калембер, Борис Новковиќ, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, а до петок на оваа листа можеби ќе биде додадено уште некое познато музичко име.

Концертот ќе почне во 20 часот, а билетите, по цена од 250 до 300 денари, се веќе во продажба во „Југотон“.