Креаторите на популарната криминалистичка серија „Куќа на парите“ го објавија трејлерот за петтата сезона, која наедно ќе биде и последна. Овој пат серијата ќе биде поделена на два дела од по пет епизоди, кои ќе бидат прикажани со разлика од три месеци.
Трејлерот започнува со снимка од бандата, која сега е затворена во Централната банка на Шпанија повеќе од 100 часа. Успеаја да ја спасат Лисабон (Ицијар Итуњо), но најмрачниот момент е пред нив, откако загубија еден од своите.
Видеото исто така го прикажува професорот (Алваро Морте) уапсен од инспекторката Сиера (Најва Нимри) и тој првпат нема подготвено план за бегство.
– Сто часа изгледаа како 100 години – вели Токио, опишувајќи ја моменталната состојба во трејлерот, во која професорот исто така открива дека е откриен резервоар за дождовница и дека полковникот Тамајо ја подготвува својата војска да влезе во Банката на Шпанија.
„Предавањето не е опција“, стои во описот на официјалниот постер од петтата сезона, објавен на твитер-профилот на серијата.
Официјалниот синопсис на петтата сезона навестува случувања и нови борби, кои исто така може да се видат на трејлерот.
– Токму кога изгледа дека ништо друго не може да тргне наопаку, на сцена стапува непријател што е многу помоќен од сите со кои се соочиле досега – војската. Се ближи крајот на најголемиот грабеж во историјата, а она што започна како грабеж ќе се сврти во војна – стои во синопсисот.