Седумнаесеттиот „Моден викенд Скопје“, од 30 март до 1 април, ќе биде домаќин на најновите дизајнерски колекции, во една од најстарите културни установи во Македонија, националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Сезоната пролет-лето, под слоганот „Што ја храни твојата имагинација“, ќе ја отвори ревијата на дизајнерите Роберт Ивановски и Евгенија Зафировска, со колекцијата „Архитектура во движење“. Вечерта ќе продолжи со авангардната колекција „Кали Роуз бај Катерина Лука“, дополнета со модни додатоци. Потоа ќе следуваат ревијата „Жана Алиу шоурум“ и колекцијата „Ред енд д спектрум“. Истата вечер првпат ќе може да се погледне и ревијата на „Фингерпринт“ и нивната колекција „Маседониан бјути“. Крајот на првата ревијална вечер ќе продолжи со забава на истата локација со диџеј Славе.

– Втората вечер ќе започне со заедничка ревија на студентите од Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ, наречена „Текст ми“ за пролет-лето 2018. Потоа публиката ќе ги види колекцијата на „Бернасараци“ од Косово, наречена „0000“, и најновото од „Ателје Коцарева“, односно новите модели наречени „Боундлес“. И за крај на вечерта, креациите на „Палада“ и колекцијата „Ел суено“ – велат од „Моден викенд Скопје“.

Последната вечер ќе се одржи на 1 април и ќе започне со ревијата на младата дизајнерка Сара Реџиќ, која го потпишува брендот „Сари Џи“. Првпат на „Моден викенд Скопје“, „Ателје Магдалена“ ќе ги претстави креациите од колекцијата „Будење“. Јагода Пачемска од арт-студиото „Фа-Бу“, со перформанс, ќе прикаже нови уникатни креации изработени од свежо цвеќе.

Седумнаесеттиот „Моден викенд Скопје“ ќе се затвори со ревијата на Олгица Ѓоргиева и нејзината колекција за пролет-лето 2018 г.

За време на тридневниот настан ќе бидат изложени девет креации на студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет, кои веќе беа прикажани во Францускиот институт во Скопје. Студентите работат на тема инспирирана од француската кинематографија, под менторство на професорката и дизајнерка Лидија Георгиева. Најновата колекција на луксузниот македонски бренд „Диас“, специјализиран за производи од кожа: чевли, чанти, торби за патување и други кожени додатоци, ќе биде достапна за посетителите во текот на целиот настан.

Насловната за седумнаесеттата сезона е направена во националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Заштитно лице е Мануела Гочевска од модната агенција „Подиум“. За нејзината шминка се погрижи Зоран Шурбевски, а за фризурата „Лакме“, во соработка со Даниел Артевски. За фото и видеопродукцијата беше задолжена Марина Трајковска, а графичкиот дизајн на насловната го потпишува Дејан Зафировски.