Сто и дваесет години од раѓањето на Волт Дизни

Точно пред 120 години, на 5 декември, е роден американскиот режисер и продуцент Волт Илајас Дизни, познат како Волт Дизни, творецот на цртаниот филм. Добитникот на 29 „оскари“ кариерата ја почнал во 1921 година, а светска слава стекнал во 1928-та, кога бил прикажан првиот филм за Мики Маус.
Славниот аниматор е роден во 1901 г. во Чикаго, како четврто дете на Елајас Дизни, сточар и сопственик на овоштарник од Мисури. Дел до семејството, од страна на татко му, бил од ирско-канадско потекло, а предците од страната на мајка му се доселиле во САД од Германија. Семејството со пет деца се преселило во Канзас кога Волт имал десет години, но повторно се вратило во Чикаго, каде што Волт Дизни се запишал во средно училиште.
Кога имал 16 години, тој се запишал во Црвениот крст и учествувал во Првата светска војна. По враќањето во Америка, работел кратко како маркетинг-агент во Мисури. Дизни решил да се пресели во Калифорнија, каде што бил неговиот брат Рој. Браќата Дизни, со позајмени пари, отвораат студио во гаражата на нивниот вујко и привлекуваат внимание со серијата црно-бели цртани со зајакот Освалд, кои биле продуцирани од „Универзал студио“. Кога Волт побарал поголема цена, бил одбиен и престанал да го црта Освалд во 1928 г., иако серијата продолжила да се емитува.
По ова искуство, Дизни го продуцира цртаниот без звук „Лудиот авион“, во кој главен лик е Мики Маус. Но појавата на звук во филмовите измени сѐ во Холивуд. Поради тоа, Дизни го одложи претставувањето на цртаниот и направи нов, со звук, но пак со Мики Маус како главен лик. Овој цртан, наречен „Парабродот Вили“, се појавува во 1928-та и е првиот анимиран филм со синхронизиран звук. И покрај меѓународниот успех на филмот, Волт и Рој имаат потреба од пари, па го лиценцираат ликот на Мики Маус за 300 долари, за да може да се користи како украс во детските тетратки и друг училиштен прибор…. И потоа сѐ е историја. Волт Дизни почина во 1966 г., а магазинот „Тајм“ го прогласи за еден од највлијателните луѓе во 20 век.
Мики, Шиљо, Пајо Паторот се ликови од цртаните филмови што многу генерации ги потсетуваат на детството и кај нив будат најубави спомени за безгрижните денови. Но има и такви за кои Волт Дизни е асоцијација за нешто мрачно, мистично и злокобно. Мистеријата околу неговото име и по толку години сѐ уште не е разјаснета. Дизни е еден од најпознатите брендови во светот, но малку луѓе ја знаат вистинската приказна за човекот што го создаде магичното кралство, стотиците анимирани креации, филмови и играчки што го носат неговото име.

Издвојуваме неколку интересни факти од неговиот живот.

Љубов кон возовите – Иако многу сакал да им помага на животните на фармата, Дизни го трошел времето така што, кога бил мал, го ставал увото на шините, за да слушне кога ќе помине возот. Кога станал татко, минувал часови возејќи се со железница заедно со ќерките и пријателите. Изградил огромна гаража во дворот, каде што сместил воз на водена пареа, кој му служел и како работна соба. Љубовта кон возовите била инспирација и за создавањето на забавниот парк „Дизниленд“.

Таен агент – Како што наведуваат биографите, Дизни ги сакал своето семејство и работата, но над сѐ својата земја. Гледајќи во Дизни можен сојузник во борбата против советските симпатизери во шоу-бизнисот, Едгар Џеј Хувер, тогашен шеф на ФБИ, го врбувал за таа борба. Така Дизни станал неговиот највлијателен шпион. Ни денес не се знае за кого сѐ Дизни му доставувал извештаи на Хувер и чии кариери ги уништил, дотолку повеќе што документите за него и натаму се со ознаката „строго доверливо“.

Воена пропаганда – Пред да стане посветен ловец на комунисти, Дизни ја надгледувал продукцијата на стотина пропагандни воени филмови, снимени во периодот од 1942 до 1945 г. Повеќето од нив не ги видела регуларна публика, бидејќи биле наменети исклучиво за војниците. Најпознатиот документарен филм на Дизни бил „Лицето на фирерот“, каде што во главната улога бил Пајо Паторот, кој тешко излегувал накрај со стресот и компликациите што во неговиот живот ги донела војната. А во филмот „Командантот Дак“, Пајо добил улога на акциски херој, кому му успеало да крене во воздух јапонска воена база. Целта на овие пропагандни филмови била непријателот да се дехуманизира, а гледачите да ги преплави со патриотски чувства.
Успехот на „Снежана“ – „Снежана и седумте џуџиња“ е првиот долгометражен цртан филм. Кога продуцентите ја слушнале неговата замисла, мислеле дека е апсурдна, но тоа не го поколебало Дизни. Со реализацијата почнал во 1934-та, а филмот бил завршен по четири години, кога ги потрошил сите пари за остварување на овој сон. Благодарение на подвижните слики, во 1937 г. „Снежана и седумте џуџиња“ станал најуспешен филм на годината и заработил осум милиони долари, што е еквивалент на сегашни 130 милиони долари. По овој успех, Дизни ги претстави и долгометражните анимирани филмови „Пинокио“ и „Фантазија“ во 1940-та, „Дамбо“ во 1941-та и „Бамби“ во 1942 г.

Најмногу „оскари“ – Дизни од Филмската академија примил повеќе награди „оскар“ од кој било дру, а рекордер е и по бројот на номинациите. Од 1932 до 1969 г. тој освоил 22 златни статуетки, а бил номиниран 59 пати. На доделувањето на „оскарите“ во 1928 г., Дизни за „Снежана и седумте џуџиња“ добил една статуетка со нормална големина и седум минијатурни.

Визионерство – Како што растела компанијата, Дизни почнувал да снима и други филмови. „Остров со богатство“, објавен во 1950-та, е првиот акциски филм што го објави компанијата, а неколку години подоцна ја формира и компанија за дистрибуција, за заштеда на трошоци. Во 1964-та беше објавен хит-филмот „Мери Попинс“. Популарниот „Мики Маус клуб“, каде што како мали членувале многу светски ѕвезди, започна да се емитува во 1955 г. на телевизија. Во 1954-та започнува една друга ТВ-програма, наречена „Дизниленд“, а неколку години подоцна тој формира нова компанија, која прави нацрт-план за голем тематски парк, каков што светот немаше видено претходно, наречен „Дизниленд“, кој беше отворен во 1955 г.