Целиот свет ја знае приказната за Снежана, принцот, лошата маќеа, отровното јаболко, џуџињата… По филмот на „Дизни“ од 1937 година, оваа бајка им го разубавуваше детството на многу генерации деца, но малкумина знаат дека браќата Грим, веројатно, ја напишале оригиналната приказна според судбината на една вистинска принцеза.
„Снежана“ (позната и како „Снежана и седумте џуџиња“) изворно е германска бајка. Браќата Грим ја објавиле во 1812 година во првото издание на нивната колекција „Детски и домашни бајки“. Оттогаш таа е сменета неколкупати за да се добие финалната верзија во 1854 година.
Од тогаш до денес, многу истражувачи теоретизирале за тоа дали бајката се заснова на вистински настани, односно личности. Најприфатената теорија денес е онаа на германскиот историчар Екхард Сандер, кој ја објавил во 1994 година во неговата книга „Снежана: Бајка или вистина?“.

Снежана страдала како жртва на дворски интриги

Според Сандер, ликот на Снежана е заснован на ликот на грофицата Маргарет фон Валдек. Маргарет била ќерка на грофот Филип Четврти, родена во 1533 година и надалеку позната по нејзината убавина. Таа била мало девојче кога нејзиниот татко, вдовец, се преженил. Поради несогласувањето со нејзината маќеа, Маргарет била испратена да живее во малиот рударски град Валдек, во северозападна Германија.
Кога Маргарет имала 16 години, нејзиниот татко ја испратил во Брисел, во дворецот на Марија од Унгарија, која била владетелка на Холандија и сестра на шпанскиот крал и император на Светото Римско Царство, Карло Петти.
Таа со својата убавина веднаш го привлекла вниманието на дворјаните и многумина се бореле за нејзината наклонетост, но таа се заљубила, ни помалку ни повеќе, во наследникот на престолот, синот на Карло, принцот Филип. Наводно, ниту тој не бил имун на убавата принцеза и меѓу нив се појавила романса набргу откако се запознале.
За жал, приказната немала среќен крај. Маргарет, односно Снежана не завршила со принцот, туку починала од мистериозна болест на 21-годишна возраст. Наводно, таа била отруена и била жртва на дворски интриги од страна на некој кому не му се допаднала можноста таа да стане кралица на Шпанија.
Иако оваа приказна никогаш не е докажана, едно е сигурно, зад заговорот не постоела маќеа, затоа што во 1554 година, кога починала Маргарет, и таа веќе одамна била почината!
Постои уште една сличност со бајката. Имено, во рудниците што ги водел нејзиниот татко главно работеле деца, така што тоа би можело да биде инспирација за џуџињата што се споменуваат во бајката. Како и во приказната, овие деца по цел ден копале во рудниците и живееле во заеднички куќи направени специјално за нив.

Уште една убавица како инспирација за Снежана

Уште една историска фигура е можна инспирација за сказната за Снежана, а тоа е Марија Софија фон Ертал. Таа живеела во Германија во 18 век и била ќерка на земјопоседникот, принцот Филип Кристофер фон Ертал. По смртта на нејзината мајка, татко ѝ се оженил со грофицата Клаудија Елизабет Марија фон Венинген. Како што се шпекулирало, таа не можела да ги поднесе своите деца од првиот брак и дека особена нетрпеливост покажувала кон Марија.
Меѓутоа, дури и да била Марија убава, денес не постојат никакви историски извори и нема записи за тоа како починала. Нејзиниот гроб не беше пронајден до 2019 година.
Сепак, постојат сличности со бајката за Снежана! Недалеку од замокот во Лор во Баварија, каде што живеело семејството, има влезови за средновековните рудници. Овие отвори се толку мали што само деца или џуџиња би можеле да влезат во нив!
Освен тоа, постои и друга врска. Денес замокот е музеј, а секој што го посетува може да го види познатото „магично огледало“. Таткото на Марија го купил за неговата друга сопруга и на неговата рамка сè уште се читливи натписите: „Самољубие“ и „Таа е убава како светлина“.