Провокативните теми, музичкото експериментирање и комплетно нихилистичките ставови на бендот ќе се покажат како многу влијателни во развојот на панк-рок музиката и новите музички правци што ќе следуваат

„Велвет андерграунд“ е еден од најважните и највлијателни рок-бендови од 1960-тите години на 20 век. Формиран е во Њујорк, во 1964 година, од страна на Лу Рид, вокал, текстописец, гитара, Џон Кејл, мултиинструменталист – бас-гитара, виола, клавијатури, Стерлинг Морисон, гитара, и Агнус Меклејс, тапани, подоцна заменет со Маурин Мо Такер. Есенцијална рок-група е јадро на целокупната рок-музика. Групата е посебна и уникатна, како на музички, така и на идеолошки план.

На почетокот, во 1966/1967 година, бендот е управуван од легендата на поп-артот Енди Ворхол, кога редовно настапуваа во неговото студио „Сребрена фабрика“ (The Silver Factory). На почетокот на нивната музичка кариера, работите не им одеа во саканата насока, поради тоа што во клубовите во Њујорк каде што настапувале не биле прифатени од публиката. Најдолго се задржале во клубот со име „Бизар“, каде што со своите свирки почнале да добиваат репутација на ветувачки рок-бенд. Набргу ги забележува попарт-уметникот Енди Ворхол, кој им предлага да им биде менаџер, што е прифатено од членовите на бендот. Тие во тој период се необична рок-група, која еднакво е оддалечена од поп-оптимизмот на британските музички освојувачи, но и од наивниот идеализам на распашаната калифорниска хипи-сцена. Токму поради тоа тие се интересни за Ворхол, кому во тој период му е потребен еден рок-бенд како музичка поддршка на мултимедијалните лудории на неговата „Фабрика“, каде што имаше голем број талентирани сликари, писатели, поети, музичари, синаести, кои секој сам за себе претставуваа екстравагантен уметнички израз сам по себе. Таму, во студиото „Фабрика“, бендот го создава својот уникатен звук за арт-поп, експериментален рок, авангарда и протопанк-рок музика, која ја изведуваше на необичен андерграунд-начин.

По инсистирање на Ворхол, бендот во своите редови ја прима Нико, млада атрактивна пејачка и моделка, со која го снима и издава албумот „The Velvet Underground&Nico“(1967 г.). Бендот, со специфичните гласови на Нико и Лу Рид, со виолата и клавијатурите на Кејл и необичното свирење на тапани од страна на темпераментната Мо Такер, лансира целосно нов и атрактивен звук. Албумот имаше и атрактивна насловна страница: легендарната жолта банана дизајнирана од Ворхол, во стилот „пополека лупи и гледај“ (Peel slowly and see). По сѐ помасовната употреба на дрога, ширењето на проституција и на садомазохизам на јавна сцена е воведен нихилизмот, како музички израз на оваа алтернативна и андерграунд рок-група.

Провокативните теми, музичкото експериментирање и комплетно нихилистичките ставови на бендот ќе се покажат како многу влијателни во развојот на панк-рок музиката и новите музички правци што ќе следуваат. Албумот и денес важи за еден од највлијателен на своето време, бидејќи пророчки праќаше пораки за нечистотијата на улиците, проблемите од консумирањето дрога („Waiting For My Man“, „Heroin“) и сексуалната настраност („Venus In Furs“). Во тоа време овие теми важеа за табу, но сепак извршија големо влијание кај другите музички уметници, па со право албумот го зазеде 13-то место на листата 100 најдобри албуми, а од списанието „Ролингстоунс“ е прогласен за најпророчки албум на сите времиња. Иако овие теми беа револуционерни, бендот се занимаваше и со други, поведри прашања, како женската убавина („Famme Fatale“), песна што маестрално ја испеа доминантната примадона со длабок глас и ледена елеганција – Нико, на која совршено ѝ прилегаше улогата на фатална жена. Тука се и песните „I’ll be your Mirror“, песна од Лу Рид посветена на Нико, „Venus in Furs“, инспирирана од книга што ја читал Рид, како и „All Tomorrows Parties“, видување на луѓето што поминувале низ „Фабриката“ на Енди Ворхол. Првите успеси носат и тензии и недоразбирања во бендот. Од една страна, креативецот Лу Рид не ја прифаќаше Нико како пејачка и заштитен знак на групата, а од друга страна, пак, тој не се согласуваше со Кајл во кој правец да се движат како бенд. Рид беше за поп и рок, а Кејл за психоделија. Во 1968 г. бендот го издава албумот „White Light/White Heat“, кој музички беше суров и пренатрупан и претставуваше еден вид свесна контраубавина, во споредба со првиот, во кој имаше убавина, револуционерност и авангардна музика.

Третиот албум „The Velvet Underground“(1969г.) e носач на звук во кој влијанието на Ворхол е бледо и сѐ повеќе слабее, бидејќи бендот ги менува погледите, а со тоа и звукот. За овој факт Лу Рид вели дека членовите на бендот почувствувале потреба да ја искажат својата друга страна, за да ја избегнат едностраноста. Конечно, во 1970 година, групата го издава албумот „Loaded“, кој ќе се покаже како најкомерцијален, благодарение на мегахитовите „Sweet Jane“ и „Rock and Roll“. Тоа е период кога Лу Рид ја напушти групата и почнува соло-кариера. Малкумина знаат дека продуцент на неговиот прв албум „Transformer“ е Дејвид Боуви, музички генијалец во доаѓање, кој прави сѐ песните на Рид да звучат свежо и да се приемливи за неговите обожаватели. Така, „Perfect Day“ и „Satellite Of Love“ звучат величествено, а „Walk On The Wild Side“ веднаш ги освои радиобрановите и стана вистински мегахит. Овој албум придонесе Лу Рид да го заземе високото место во музичкиот пантеон на рок-музиката.Следува периодот на групата со Даг Јул, кога го издаваат албумот „Squeeze“(1973г.), кој не е прифатен ниту од критиката ниту од публиката. Подоцна членовите се обидуваат неколкупати да го обноват оригиналниот состав, но ниту еден обид нема да донесе ништо ново на музички план. Во 1996 г., благодарение на експерименталната авангардна гитара и посебниот глас на Лу Рид, надреалните звуци од виолата на Кејл, длабокиот и заводлив глас на Нико, како и едноставниот, племенски но стабилен звук на удиралки на Такер, бендот „Велвет андерграунд“ беше примен во „Рокенрол-куќата на славните“, секако сосема заслужено, како од аспект на создадената музика, така и според влијанието што го оствари врз идните музички трендови и нивните изведувачи. Се разбира, и поради највисокото можно ниво на андерграунд што ја красеше оваа култна група.

Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди.