Најверојатно Французите секогаш ќе бидат препознатливи по баретките, но и по багетот. Тоа е едно од објаснувањата зошто Франција го кандидира својот најпознат леб за листата на светско културно наследство на УНЕСКО.
Француското министерство за култура соопшти дека овој чекор е многу битен за да се заштитат не само обликот и името туку и рецептот, односно состојките на багетот.
Според извештајот на Министерството, во 1970 година имало 55.000 пекарници во Франција што произведувале багети, а денес нивниот број е намален на 35.000.
– Токму поради тоа одлучивме да преземеме ваков чекор на заштита, за да ја издигнеме свеста на пошироката јавност за важноста на багетот, а со самото тоа и да се забави падот на неговото производство – наведуваат од Министерството.
Багетот е долгнавест леб и најпознат во Франција, кој се приготвува само од четири состојки – брашно, вода, сол и квасец. Тој е специфичен по својата крцкава кора и мека внатрешност, но само ако е направен според вистинскиот рецепт.
Неговото потекло датира од 17 век, но потрошувачката е значително зголемена дури во 20 век. Денес во Франција секоја секунда се јадат по 320 багети, што на годишно ниво е околу 10 милијарди.
Националното здружение на француските пекарници и слаткарници, како иницијатор, ја поздрави оваа одлука.
– По четири години наше залагање, со гордост можеме да кажеме дека нашето барање даде плод. Со овој чин се зголемува нашата стручност, со самото тоа се охрабруваат помладите генерации да го изберат пекарството како професија – изјави претседателот на здружението Доминик Анракт.