Во новото продолжение на серијата „Сексот и градот“ ќе учествуваат само Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис, додека Ким Катрал, која ја играше Саманта Џонс во оригиналната серија, не се враќа. Паркер, Никсон и Дејвис исто така ќе бидат извршни продуценти, заедно со Мајкл Патрик Кинг. „Сексот и градот“ се враќа за заживување во „ХБО Макс“, пренесуваат медиумите.
Откако „ХБО“ го најави продолжението на култната серија „Сексот и градот“, но без Ким Катрал во улогата на Саманта Џонс, обожавателите развија стотици теории за тоа како би изгледала серијата без фаталната Саманта. Конечно Кејси Блоис, извршниот директор за програмата на „ХБО“, проговори во обид да ги расчисти сите тие претпоставки.
Според Блоис, Сара Џесика Паркер, која ја глуми Кери Бредшо во серијата и сценаристот Мајкл Патрик Кинг, со кој го пишуваат сценариото за продолжението, не се обидуваат да го повторат оригиналното издание на тв-серијата.
– Ликовите веќе нема да живеат во своите триесетти години од животот. Тоа ќе биде приказна за жени во педесеттите години од животот кои ги прават работите како и останите жени во своите педесетти. Исто како и во вистинскиот живот, луѓето влегуваат во вашиот живот, но тие и заминуваат. Покрај тоа, и пријателствата згаснуваат, а се раѓаат и нови. Значи, мислам дека сè може да се поврзе со вистинскиот живот – објаснува Блоис зошто серијата е без Саманта.
Според Блоис, Џесика Паркер и Патрик Кинг ќе се обидат да раскажат приказна за тоа како навистина жените се справуваат со средовечноста во Њујорк. Во новата серија ќе има и многу детали со кои ќе се долови како изгледа најнаселениот американски град денес.
Серијата чиј оригинален наслов гласи „And Just Like That“ ќе се состои од 10 получасовни епизоди и треба да почне со снимање во Њујорк кон крајот на пролетта.