Фронтменот на ирската рок група У2, Боно, кој во саботата среде концертот во Берлин го загуби гласот, ќе ја продолжи европската турнеја откако лекарот што го прегледал утврдил дека неговите гласни жици ќе закрепнат.
– Ме прегледа одличен доктор и со негова помош мојот глас ќе закрепне, па ќе можам да ја ’отпеам’ целата турнеја – се вели во соопштението објавено синоќа на официјалната веб страница на У2.
– Среќен сум, но и ми олесна бидејќи лекарот исклучи можност за поголеми компликации на гласните жици. На концертот во Берлин атмосферата беше исклучителна. Се чинише дека тоа ќе биде од оние незаборавни ноќи…но на крајот не испадна така. Со нетрпение очекуваме таму да запееме повторно на 13 ноември – напиша Боно.
У2 во саботата по само неколку песни мораше да го прекине концертот во Берлин бидејќи Боно остана без глас.
Медиумите шпекулираа дека губењето на гласот можеби било предизвикано од употребата на чадни ефекти.