Исто како коронавирусот, и монолитите како да одбиваат да останат во 2020 година. Можеби за краток период светот заборави на мистериозните монолити кои се појавија на различни локации, но тие продолжуваат да никнуваат како печурки по дожд. Овој пат од метален монолит беа изненадени граѓаните на Турција, објавува „Њујорк тајмс“.
Најновиот монолит се наоѓа во јужна Турција, висок е околу три метра и бил откриен во петокот, од сопственик на полето во кое се наоѓа. Полето е недалеку од Ѓобекли Тепе, место за археолошки истражувања под заштита на УНЕСКО.
Но, ова е малку поразличен монолит и има нешто што неговите претходници го немаат: полициско обезбедување. Воената полиција започна истрага за идентификување на луѓето кои го поставиле монолитот во руралната област Санлиурфа во југоисточна Турција, а веста за неговото појавување предизвика бранови од посетители.
Исто така, за разлика од претходните монолити, на овој има натпис напишан на древен турски јазик, на азбуката Гоктурк, кој гласи „погледнете во небото, видете ја Месечината“.
По појавата на првиот монолит во американската сојузна држава Јута, негови „копии“ се појавија во Калифорнија, Холандија и во Романија. Потеклото и значењето на мистериозните монолити остануваат непознати и многумина веруваат дека станува збор за концептуални уметнички дела, за кои никој досега не презел одговорност. Првиот монолит во Јута стана популарен бидејќи асоцираше на култниот филм „Одисеја 2001“ на Стенли Кјубрик, снимен во 1968 година и привлече стотици луѓе.