Отпечатоци од стапала стари 23.000 години се откриени во Соединетите Американски Држави, што покажува дека луѓето во Северна Америка се населиле долго пред крајот на последната ледена доба. Според истражувањата, ова откритие го помести времето за илјадници години, кога првите жители го населиле тој континент. Отпечатоците се најдени во калта на брегот на долго исушено езеро, кое сега е дел од пустината во Ново Мексико. Талог ги наполнил вдлабнатините создадени од стапалата и се формирала стврдната карпа, заштитувајќи ги доказите за предците и давајќи им на научниците детален увид во нивните животи.
– Се чини дека повеќето од трагите им припаѓаат на тинејџери и деца, големи отпечатоци на возрасни се многу поретки – пишуваат авторите на студијата објавена во американското списание „Сајанс“.
Една од хипотезите на научниците за ова откритие е дека имало поделба на трудот, во кој возрасните биле вклучени во квалификувана работа, додека децата и тинејџерите биде задолжени за носење и земање на материјалите што биле предмет на работа. Научниците исто така откриле траги од мамути, праисториски волци, па дури и џиновски мрзливци, кои се чини дека биле присутни во исто време кога луѓето го посетувале езерото.
Америка се сметаше за последниот континент до кој стигна човештвото. Со децении, најширокоприфатената беше теоријата дека имигрантите во Северна Америка доаѓале од источен Сибир преку копнен мост – денешниот Берингов Теснец, а од Алјаска се упатувале на југ во попријатна клима. Археолошките докази, вклучувајќи ги и главите на копјата што се користеле за убивање мамути, сугерираат дека населбата стара 13.500 години била поврзана со таканаречената праисториска култура кловис, именувана по град во Ново Мексико, и се сметаат за прва цивилизација на континентот и претходници на групите што подоцна станале познати како Индијанци. Сепак, идејата за праисториската култура на кловис беше разнишана во последните 20 години, со нови откритија што покажаа дека првите населби се многу постари. Дури и оваа поместена процена за староста на првите населби не надминува 16.000 години, по завршувањето на таканаречениот последен глацијален максимум, периодот кога ледените плочи биле најраспространети. Овој процес, кој траел до пред околу 20.000 години, е од клучно значење, бидејќи се верува дека со мразот што тогаш покривал поголем дел од северните делови на континентот, миграцијата на луѓето од Азија во Северна Америка и пошироко би била многу тешка.