Обединети од различни локации низ Европа годинашните изведувачи ќе прозвучат низ стиховите на познатиот евровизиски хит „Love shine a light“, победничка песна на „Евровизија 1997“, вели Александра Јовановска, шефица на македонскиот евровизиски тим
„Блесни Европо“ е насловот на двочасовно телевизиско шоу, кое ќе се емитува вечерва, со почеток во 21 часот, со кое Европската радиодуфузна унија ќе ја одбележи 65-та годишнината на Евровизискиот фестивал, чие финале требаше да се одржи во овој термин во Ротердам, Холандија. Се разбира причината за неодржувањето е актуелната пандемија на коронавирусот, што ги стопира сите јавни настани на планетата. Но бидејќи „Евровизија“ пред сѐ е телевизиски проект, ЕБУ одлучи на големиот број обожаватели и телевизиски гледачи вечерва да им приреди вистински спектакл. Настанот ќе се реализира во соработка на Европската радиодифузна унија со нејзините партнери од Холандија, НПО, НОС и АВРОТРОС.
– Специјалното телевизиско шоу нема да има натпреварувачки карактер, но ќе им оддаде значајно признание на сите песни и учесници од 41 земја, колку што требаше да учествуваат на годинашната „Евровизија“. Веќе селектираните песни ќе бидат емитувани во фрагменти од 30 секунди, учесниците ќе бидат претставени низ кратки видеоразгледници, а ќе ги слушнеме и нивните пораки упатени до милионскиот аудиториум низ Европа и светот. Обединети од различни локации низ Европа годинашните изведувачи ќе прозвучат низ стиховите на познатиот евровизиски хит на „Катарина енд д вејвс“, „Love shine a light“, победничка песна на „Евровизија 1997“ – вели Александра Јовановска, шефица на македонскиот евровизиски тим оваа година, која долги години е дел од евровизиските случувања, а вечерва и ќе го коментира настанот.
Од ЕБУ велат дека нивна желба била да направат шоу што нема да им оддаде признание само на уметниците што требаше да настапат во Ротердам туку и телевизиска програма што ќе ги инспирира и ќе ги поврзе луѓето низ Европа и во овие изолирани и тешки времиња.
– Ќе им оддадеме почит на сите што се погодени од коронавирусот, но и на оние што работат деноноќно во борбата против него – изјави извршниот продуцент на шоуто Зитце Бекер.
Евровизиските обожаватели низ Европа се вклучија во формирањето на големиот евровизиски хор во изведбата на песната „What another year“, со која евровизиската легенда Џони Логан победи на „Евровизија 1980“, која тогаш се одржа во Хаг, Холандија.
– Меѓу евровизиските ѕвезди вечерва ќе ги видиме и Монс Земерлоу, кој ќе ја испее победничката песна од 2015 г. „Heroes“, потоа Марија Шерифовиќ со „Молитва“, победничка песна за Србија од 2007 г., како и победничката од 2018 г. „Toy“ на Нета од Израел со специјална акустична верзија на нова песна со посебна порака во овие необични времиња. Победничката на Израел од 1979 г. Гали Атари ќе го испее нејзиниот голем хит „Hallelujah“ заедно со хор формиран од поранешни учесници на „Јуниорскиот евросонг“, а минатогодишниот победник Данкан Лоренс ќе ја претстави премиерно неговата нова песна „Someone else“ – вели Александра Јовановска.
Водители на шоуто ќе бидат презентерите Шантал Јансен, Едсилиа Ромблеј и Јан Смит, кои требаше да бидат домаќини на „Евровизија 2020“. Настанот ќе се емитува од Медиапарк во Хилверсум, град во кој се одржала „Евровизија“ во 1958 г., кога првпат земјата победник била и домаќин на настанот следната година.
Нашиот Васил Гарванлиев веќе се претстави пред евровизиските обожаватели со свој телевизиски настап, во рамките на серијата емисии „Евровизија од дома“. Слушнавме акустична верзија на песната „You“ што ја отпеа од својата родна куќа во Струмица, како и другите годинашни учесници, a испеа и своја а капела верзија на два познати евровизиски хита „Мy number one“ и Toy“.
Обраќајќи се до милионскиот телевизиски аудиториум тој рече дека преку песната сите имаме можност да се поврземе, што е и пораката на „You“, како што впрочем и самиот евровизиски фестивал е можност луѓето да се поврзат преку музиката, културата, различностите…
Инаку, идеите за евровизискиот настап на Васил биле многу впечатливи и многу поразлични од она што го видовме на спотот, кој на официјалниот евровизиски сајт веќе има скоро милион прегледи. Новина, која беше објавена во емисијата „Евровизија од дома“ на МРТ, беа имињата на придружните вокали што требаше да пеат со него на евровизиската сцена во Ротердам, Холандија, токму оваа сабота. Нивните имиња се: Мартија Станојковиќ, која ја претставуваше Македонија на „Детскиот евросонг 2016“, Александра Јанева, која и лани заедно со Васил ја придржуваше Тамара на евровизискиот фестивал во Тел Авив, Израел, Барбара Поповиќ, која ја претставуваше Македонија на „Евровизија 2013“ и Лина Пејовска, која ја знаеме од домашни и од регионални музички натпревари. Инаку од страна на МРТ повторно биле ангажирани Тине Матулеси и Мари Фросман Риберг, истите дами што се погрижија за одличниот перформанс на Тамара минатата година.