Македонската опера и балет ја најави изведбата на безвременскиот балет „Лебедово езеро“ која ќе се одржи на 12 април, со почеток во 20 часот.

Балетската претстава, која е позната и како „ода за моќта на љубовта“, е класика која ја раскажува вечната борба помеѓу доброто и злото. Легендата за мистериозната лебед-жена е еден од најромантичните класични балети, и се карактеризира со многу елеганција, стил и хармонија.

Со познатата, лирска мелодија на Чајковски, „Лебедово езеро“ ја отсликува трагичната љубов помеѓу принцезата Одета и принцот Зигфрид. Ова универзално и волшебно ремек-дело на љубов, измама и драма не смее да се пропушти.

Во улогата на Одета/ Одилија настапува Марија Кичевска – Шокаровска, Принцот Зигфрид е Бобан Ковачевски и во улогата на Ротбарт е гостинот од Италија, Давиде Буфоне.

Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Македонската опера и балет. Диригент е Бисера Чадловска.

Ирена Пасариќ, национална првенка на Хрватска, ќе гостува во НУ МОБ каде што ќе ги држи задолжителните вежби на Балетот и пробите за престојните претстави „Лебедово езеро“.

Билетите се веќе пуштени во продажба на билетарницата на МОБ: 02 3118-451 и онлајн: www.mob.mk