- Во меѓувреме се подготвуваат неколку труда со резултати од истражувањата што ќе бидат публикувани во македонски и во европски списанија и на тој начин ќе му се даде поширока светска афирмација на овој значаен неолитски локалитет
Неодамна завршија теренските истражувања на археолошкиот локалитет Велушка Тумба во Пелагонија. Истражувањата се спроведуваат во соработка меѓу НУ „Завод и музеј“ – Битола и Центарот за истражување на предисторијата, а во нив учествуваат Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел, преку кои се изведуваат археоботанички и радиокарбон-анализи. Раководител на истражувањата е д-р Гоце Наумов, а кораководителка виша кустоска е Јасмина Гулевска, додека археоботаничките анализи се во координација меѓу д-р Феран Антолин и д-р Амалиа Сабанов.
Во текот на истражувањата се добија повеќе податоци за архитектурата, материјалната култура, стопанството и обредите на заедницата што ја основала оваа неолитска населба. Таа функционирала континуирано во текот на неколку стотици години во почетокот на шестиот милениум пр. н.е, односно пред 8.000 години. На тој начин, врз старите куќи се граделе нови, со што се формирала тумба висока околу четири метри. Во овие архитектонски слоеви се регистрирани остатоци од десетина објекти градени еден врз друг, додека во текот на истражувањата се работеше на еден од нив. Притоа, се открија подови и ѕидови од живеалишта, како и глинени структури, керамички садови и мноштво мелници за обработка на житото, кое се одгледувало во нивите крај тумбата.
Интересен куриозитет за истражувањата се два специфични контекста од архитектонски и ритуален карактер. Имено, во рамките на Градба 13 се открија две големи неолитски печки за леб, со аплицирани глинени сандаци за мелење на житото и за месење на тестото. Со оглед на нивните димензии, тие претставуваат едни од најголемите неолитски печки досега откриени во Европа. Поради ваквата ексклузивност, но и поради нивната кршливост, неопходни се нивна конзервација и заштита.
Врз едната од овие печки се откри правоаголна структура во чиј јужен агол било погребано новороденче, положено во превртен сад. Овој обред е мошне редок меѓу неолитските заедници во Европа и има значајна улога во симболичката врска и идентификација меѓу печката, куќата и садот со човечко тело и животот. Крај печките се открија дваесетина керамички сада користени за готвење и консумирање на храната, а дел од нив се декорирани со специфични бели орнаменти и имале репрезентативен, односно церемонијален карактер.
– При истражувањата се пронајдоа и остатоци од жртвеници, модели на куќи и фигурини, што говори за симболичките претстави на првите земјоделци во Пелагонија, додека триесетината камени мелници и алатките од кремен и коска укажуваат на дел од стопанските активности на ова неолитско население. Покрај стандардните археолошки ископувања се прибираа и примероци за радиокарбон, археоботанички и геоархеолошки анализи, што ќе овозможи прецизно датирање на локалитетот во сите негови фази, а наедно ќе даде и темелен увид во исхраната, домашните активности, климата и природните обележја, карактеристични за оваа населба и нејзината околина – информираат
од Центарот за истражување на предисторијата и „Завод и музеј“ – Битола.
Во меѓувреме се подготвуваат неколку труда со резултати од истражувањата што ќе бидат публикувани во македонски и европски списанија и на тој начин ќе му се даде поширока светска афирмација на овој значаен неолитски локалитет. Теренските истражувањата на Велушка Тумба се финансиски поддржани од македонското Министерство за култура и туризам, додека лабораториските анализи од Германскиот археолошки институт. С.Ј.
































