Изложба на 40 принтови во рамките на мултимедијалниот проект насловен „Природа на математиката“ на Пол Ванг, истакнат и наградуван визуелен уметник од САД, е отворена до 10 јули во галеријата „Ко-ра“, во големиот салон во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Куратор на изложбата е Игор Поп Трајков.
По тој повод, уметникот Пол Ванг утре и лично ќе гостува на изложбата, кога ќе биде емитувана и дигиталната видеопроекција на неколку негови остварувања на зелениот покрив на Домот на културата.
Пол Ванг е роден во 1964 година. Дипломирал на универзитетот „Беркли“ во Калифорнија, САД. Магистрирал на институтот „Прат“. Познат е по големите холивудски продукции – филмски хитови на кои имаше повеќе ангажмани, како одговорен за визуелни ефекти. Добитник е на највисоката награда за визуелна надградба на сликата на фестивалот „Имагина“. Негова специјалност се анимациите, дигитално синтетизираните слики и уметноста за деца.
Во Македонија беше за време на снимањето на филмот „Миротворец“, чиј продуцент беше прочуениот Бранко Лустиг, со Џорџ Клуни и Никол Кидман. По тој повод се запозна и со кураторот на овој проект Игор Поп Трајков, кој е и иницијатор на ова значајно гостување.