Почнува 9. меѓународен филмски фестивал „Богородичен покров“

Деветтиот по ред меѓународен филмски фестивал за културни, духовни и хумани вредности „Богородичен покров“, кој се одржува со благослов на архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан и е единствен од ваков жанр во нашата држава, годинава ќе се одржува онлајн, од денеска до 7 декември. Во програмата на фестивалот се прикажуваат филмови посветени на културното и духовното наследство и на хуманоста, како и историски и биографски филмови. Фестивалот е основан во 2016 година и досега е поддржан од 12 амбасади во државата и голем број стопански субјекти.
Почесен претседател е Ѓоко Ѓорѓевски, професор на Богословски факултет „Св.Климент Охридски“ во Скопје, автор на многу трудови од доменот на богословските науки и поранешен амбасадор на Македонија во Ватикан. Програмата на фестивалот се состои од 11 филма, обезбедени со поддршка на „Неофит продукција“ и „Добротворен фонд Познание“ од Русија, „Вижн продукција“ од САД, Прва ТВ од Србија, „Калчр продукција“ од Србија, Тринитас ТВ од Романија, „Вистафилм“ од Чешка и Канал 5 од Македoнија.
Интернационална премиера на фестивалот годинава имаат филмовите: „Утрински ѕвона“ од Србија и чешкиот „Фотографирам, значи постојам“. Генерални покровители традиционално се Амбасадата на Руската Федерација во Скопје и амбасадорот Сергеј Баздникин, а годинава и на митрополитот Иларион Алфеев со два негови филма, како и Европскиот универзитет од Скопје, кој секоја година доделува бесплатно школување – четиригодишна стипендија за највредниот волонтер на фестивалот.
Основачи на фестивалот се покојниот Коле Јовановски, монтажер во МРТ и режисер, наградуван за голем број филмови, особено за историјата на Македонија и МПЦ-ОА, и Зорица Костовска, основачка и директорка на фестивалот, поранешна помошничка на генералниот директор на МРТ, десетгодишна членка на Меѓународната академија на телевизиски науки и уметности во Њујорк.
Отворањето е вечерва, во 21 часот, со рускиот документарен филм „Трновиот венец“, во кој се прикажува историјата на Трновиот венец на Спасителот – една од општохристијанските светињи поврзани со историјата на Страдањата Господови. Ќе биде прикажан и филмот „Утрински камбани“, српски документарен филм во кој тогашниот архимандрит Алексеј, а сега епископ хвостански на СПЦ, говори за пророштвото на о. Тадеј за манастирот „Св. апостол Лука“ во Бошњане. По 20 години, во овој манастир пристигнува царската руска камбана тешка 15 тони, донација од православните браќа Руси.
Затворањето на фестивалот е на 7 декември, во 21 часот ,со македонскиот документарен филм од архивата на Канал 5, „Историјата на Црквата на Св. вмч. Димитриј“ во Скопје. Филмот се прикажува по повод 118 години од раѓањето на првиот поглавар на возобновената МПЦ-ОА, г.г.Доситеј, на 7 декември 1906 година во селото Маврово, а го прикажува неговото устоличување за архиепископ охридски и македонски на 5 октомври 1958 година во храмот „Света Софија“ во Охрид.
Мисијата на Фестивалот е да ги негува и шири духовните вредности и да се едуцираат младите генерации во насока на духовност, љубов, добрина и хумани вредности. Организацијата е на „Топ ворлд ТВ-продукција“ од Скопје, која е основана во 1994 година, а чија определба е да негува општествено доброполезни проекти за народот.