Фото: Приватна архива

Илина Стефанова, апсолвентка по психологија и самоука сликарка

„Глобален мозаик: колекција од портрети“ е насловена првата самостојна изложба на Илина Стефанова, апсолвентка по психологија и самоука сликарка.
Изложбата, опишана како прошетка низ емоциите на глобалните ликови, е отворена во театарот „Сенки и облаци“. Фокусот на погледот насликан со масло на платно ги поставува прашањата за импулсот на љубовта, за старите мисли, за збунетите фрустрации, но и понекоја проекција од минатото и спокој за иднината. Погледите преточени во емоции што провејуваат низ животот се инспирација за делата од оваа изложба.
Илина Стефанова е апсолвентка на Катедрата по психологија, која многу вешто умее да се справи со четката за сликање.

Како дојде до идејата и реализацијата на изложбата „Глобален мозаик: колекција од портрети“, отворена на почетокот на месецов?
– Изложбата беше во рамките на програмата „Допри“ за резиденцијален престој во театарот „Сенки и облаци“, поддржана од Министерство за култура. Беа прикажани слики, односно портрети на ликови што сами по себе се автентични и потекнуваат од различни култури. Овој настан за мене беше огромен предизвик, бидејќи сликањето не е моја примарна преокупација. Врз изборот да насликам неколку портрети имаше влијание професијата што ја избрав, психологијата. Портретите се формата преку која ја доловувам емоцијата на ликовите што ги сликам.

Фото: Приватна архива

На изложбата се претставени десетина портрети, масла на платно, кога и како настанаа овие дела?
– Повеќето од делата ги насликав за време на карантините во пандемијата. Тогаш всушност и сѐ започна. Јас сум самоука и немам технички познавања од сликарството. Претходно никогаш немав насликано портрет, ниту имав допир со платно. Бидејќи не размислував дека сликите некогаш ќе ги изложам, за време на процесот на сликање не размислував за пораката што тие ќе ја испратат, туку само се внесував во процесот и го вадев тоа што во тој момент го имав во себе. Кога започнувам со сликање, секогаш започнувам од очите, бидејќи за мене погледот е најважниот дел. Идејата не ми е посебно да ги истакнам очите, само се обидувам тие да се јасни и бистри. Сепак, кога сликата е завршена, главниот фокус оди на нив, бидејќи таму се гледа емоцијата. Очите сами зборуваат.

Што најмногу ве инспирира во сликањето портрет?
– Ме инспирираат различни култури. Никогаш не се стремам кон совршенство, напротив, сите ликови се насликани со нивните брчки, детали, несовршености и нивните посебни карактеристики што ги прават уникатни. Во секоја слика се трудам да ги истакнам несовршеностите, бидејќи преку нив се гледа вистинската убавина. Ме инспирираат различните култури. Најчесто ликовите што ги сликам се возрасни, пробувам нивната мудрост да ја претставам на платното, но секако се „лепам“ и на автентичноста што ја има секој од нив.

Фото: Приватна архива