Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски учествува на групната изложба „Уметноста на креативното истражување“ во Уметничката галерија на Националниот институт за образование во Сингапур, во периодот од 6 до 31 јануари 2023 година. На изложбата учествуваат 15 врвни уметници професори од Лондон, Хонгконг и Сингапур, вклучувајќи и од универзитетот „Кембриџ“, Универзитетскиот колеџ во Лондон, Кралскиот колеџ за уметност итн.
– Оваа изложба ја слави уметноста како академско истражување. Изложбата спојува на едно место 15 меѓународни уметници академици што ги истражуваат нивните мултиидентитети, стапуваат во дијалог за вредноста и местото на уметноста како истражување и нудат увид во нивното знаење за односите помеѓу уметноста и академскиот свет – истакнува Ребека Хитон во предговорот на каталогот за изложбата.
На изложбата, Попоски ќе се претстави со видеоарт од неговата понова продукција, дело што ги истражува просторната онтологија и постхуманата дејственост во рамките на постхуманата естетика на современиот авторски филм.
– Ова дело претставува своевиден вовед и пресек на клучните теми од моето најново творештво, кое е фокусирано на дигитална ликовна уметност создадена со помош на вештачка интелигенција – изјави Попоски.
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и во САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.