Во чест на одбележувањето на 4 јануари – Светскиот ден на Брајовото писмо, востановен од Обединетите нации во чест на неговиот создавач Луј Брај, издавачкиот центар „Алдебаран“ заедно со печатницата „Тифлографика“ на државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје ќе му подари примероци од изданијата на Брајово писмо објавени минатата година.
Издавачкиот центар „Алдебаран“ објави седум нови книги на Брајово писмо, и тоа лектирни изданија за основните и за средните училишта, во настојувањето да ја поддржи и помогне употребата на Брајовото писмо. Во нови преводи од англиски на македонски јазик беа објавени: „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Карол во превод на Елена Кавракова Коруноска, „Повикот на дивината“ од Џек Лондон во превод на Горјан Костовски и „Петар Пан“ од Џејмс Метју Бари во превод на Ана Топенчарова Коваческа, како и класичните дела од македонската книжевност за деца: „Волшебното самарче“ од Ванчо Николески, „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски, „Големата вода“ од Живко Чинго и „Силјан штркот – Басни“ од Марко Цепенков.