Издавачката куќа „Арс ламина“ ги има објавено и неговите романи за возрасни „И не биди млад мајмун“ и „Песја прељуба“, првата поетска збирка за возрасни „Тишината на зборот“, како и книгите за деца „Збунети години“, „Шармери од осмо“, „Симчо“ и „Корнет Лизи во Шаренџам“ и „Бибисек Втори“

Најновиот роман на познатиот писател Велко Неделковски, „Токсични луѓе“, кој неодамна излезе од печат во издание на „Арс ламина – публикации“, длабоко нурнува во секојдневието на навидум обичните луѓе, семејства и приказни околу нас, во нашата земја, во нашето време. Ликовите во кои секој читател може да препознае свој познајник или близок имаат матни сенки и сомнителни тајни што деструктивно влијаат не само на нивните туку и на животите на сите околу нив. Опачината на животот превртена пред лицето на модерниот, декадентен и токсичен свет.
Велко Неделковски е македонски раскажувач, романсиер, драмски писател, поет и сценарист. Роден е на 28 октомври 1946 година, во Скопје. Работел во Македонската телевизија како драматург и сценарист. Член е на ДПМ од 1980 година. Добитник е на наградите на РТВ Скопје за најдобра книга за деца, за најдобра детска книга на „Струшките вечери на поезијата“ во 1986 година, наградата „Феникс“ на Град Скопје (за постигнувања во книжевноста) и на наградата за животно дело од Македонската радио-телевизија. Голем дел од своето литературно творештво им посвети токму на децата. Важи за мошне плоден автор, чии дела од својата содржина и со стилските особености им се мошне блиски на најмладите. Во свето литературно творештво ги негува речиси сите литературни жанрови: расказ, сказна, роман, драмски текстови, поезија. Автор е и на низа сликовници за децата од градинките, како и романот сликовница во десет книги „Зеленкапа во шумата Еколо“. Негови дела се збирките раскази: „Леб за тате“, „Како расте Пенчо“, „Срценца од ведро-а“, „Деници“; сказните „Пролетни авантури“, „Шоу под ведро небо“, „Чуденки со Тимитар Итар“, „Смеантури во Намќорец“, „Бибисек од Крампонија“, „Корнет Лизи во Шаренџам“; како и романите: „Симчо“, „Втората смена“, „Збунети години“ (објавена и во „135 тома македонска книжевност“), „Зборофон Тар-11“, „Дежурна приказна“, „Летачкиот човек Пеперут“, „Шармери од осмо“. Автор е и на стихозбирката „Шармантни песни“ и на поемата „Царче-Жарче“.
Покрај „Токсични луѓе“, издавачката куќа „Арс ламина“ ги има објавено и романите за возрасни „И не биди млад мајмун“ и „Песја прељуба“ и првата поетска збирка за возрасни „Тишината на зборот“, како и книгите за деца „Збунети години“, „Шармери од осмо“, „Симчо“ и „Корнет Лизи во Шаренџам“ и „Бибисек Втори“.