„Лилит“ е првата фаза од театарското истражување насловено „Ноутбук оф сајленс“, соработка помеѓу Алесандро Ола, Јасмина Билаловиќ и Јелена Вуксановиќ. Проектот е замислен во различни фази што оживуваат, во различни контексти и простори и вклучуваат различни соработници низ целиот тек на истражувањето. Перформансот ќе се одржи вечерва во „Јадро“ од 20 часот.
Првата фаза од реализацијата е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство на соработка со неговиот некогашен учител Гротовски, како во театарската работа (со професионални актери), така и во паратеатарската работа во која Гротовски и неговите соработници тежнеат да пресечат со ексклузивноста на театарските истражувања и да ги отворат за нови групи учесници од различни професии и заднини.
Актерката Јасмина Билаловиќ го заснова своето истражување на нејзиниот повеќегодишен тренинг со Ришард Ниечим, базиран на звучење, наутички термин што се користи за истражување на длабочините на сликите во јазикот и човечкото тело, во движење и одмор. Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде што ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности.
Театарскиот перформанс е работен по текстови на Ришард Ниечим, драматургијата и режијата се на Јелена Вуксановиќ, игра Јасмина Билаловиќ, а композитори се Алесандро Ола, Маја Стајнберг. Сценографијата е дело на Мартин Манев, а костимите на Павел Маслов.