На концертот, тие ќе го промовираат новиот албум „Dead Sea“, а домашна поддршка ќе им бидат пијанистката Дуња Иванова и „Дубиотик“ – проект на електроакустична симбиоза

Светски реномираниот пијанистички состав „ЛП дуо“, составено од пијанистите Соња Лончар и Андрија Павловиќ, доаѓа во Скопје, на 25 јуни (сабота), во 20 часот, на плоштадот „Мајка Тереза“, во организација на Културно-информативниот центар во Скопје. Ова е еден од најзначајните скорашни настани на КИЦ во рамките на неговите програмски содржини за годинава. На концертот тие ќе го промовираат новиот албум „Dead Sea“, а домашна поддршка ќе им бидат пијанистката Дуња Иванова и „Дубиотик“ – проект на електроакустична симбиоза.
Соња Лончар и Андрија Павловиќ настапуваат заедно како „ЛП дуо“ од 2004 година. По завршувањето на постдипломските студии на Факултетот за музичка уметност во Белград, ги завршуваат студиите на Високата школа за музика и театар „Росток“ во Германија. Како солисти и како членови на пијанистичкото дуо досега имаат освоено повеќе од 30 награди на меѓународни натпревари. Како единствено дуо во историјата на Балканот, тие се пласираа меѓу осумте најдобри дуа во светот на најголемиот натпревар за пијано-дуо „Драноф Мајами ту пијанос“ во Мајами. Добитници се на наградата на Град Белград за креативност на младите, како и на годишната награда на Здружението на музички уметници на Србија за најдобри млади уметници. Тие се и победници на фондацијата „Бруно Фреј“ во Германија, за извонредни достигнувања. Значењето на оваа награда е дотолку поголемо бидејќи главно им се доделува само на германски државјани.
Досега имаат настапувано и одржано успешни концертни турнеи во Србија, Холандија, Финска, Данска, Швајцарија, Германија, Франција, Словенија, Хрватска, Македонија, Сан Марино, Полска, Италија, Унгарија, Босна и Херцеговина, САД. Одржаа и хуманитарен концерт за УНИЦЕФ во Германија. Соработувале и настапувале како солисти со Симфонискиот оркестар на РТС, Белградската филхармонија, Оперскиот оркестар на Народниот театар во Белград и Гудачкиот оркестар на Исидора Жебељан. Премиерно имаат изведено повеќе од 30 дела од домашни и странски композитори на современа музика. Некои од овие настапи беа светски премиери и многу од овие композиции им се специјално посветени. Досега имаат шест изданија на цедеа во Србија, Хрватска, Данска и во Холандија. Соња Лончар и Андрија Павловиќ редовно одржуваат мастеркласови за пијано-дуа во земјата и странство и успешно ја промовираат домашната современа музичка уметност.

Во 2014 година дебитираа во познатиот „Карнеги хол“ во Њујорк, а во 2015 година премиерно се претставија во престижната сала „Кенеди центар“ во Вашингтон.
Соња Лончар е доцентка на Факултетот за музичка уметност, а Андрија Павловиќ е доцент на Академијата НОВА – Европски универзитет во Белград. Заедно се основачи на првиот фестивал посветен на клавијатури „Киборд дејс Белгрејд“. Покрај изведувачките активности, „ЛП дуо“ компонира и музика за театар (Ателје 212, Народен театар во Белград, Југословенски драмски театар, БИТЕФ…), како и музика за танцови кореографии и популарна музика.
Дуња Иванова (пијано) и Маријан Зафировски ќе настапат со „Електроакустична симбиоза“ – уникатен спој на авторска електронска музика со акустична соло-изведба на пијано, со дела на музички автори од областа на минимализмот и постминимализмот. Поврзувањето на класичниот акустичен звук на клавишите со електрoника што носи печат на Ориентот и прогресивни елементи на традиционалните инструменти одразува естетика со спрoтивставена експресија. Тоа ќе овозможи единствено доживување за публиката, особено што за првпат на македонската музичка сцена се отвора можност за поврзување на две сосема различни музички изразни форми во една целина.
Настанот е во рамките на манифестацијата „Сите заедно, за сите поубаво“, во организација на Културно-информативниот центар – Скопје.
В.Д.