Со филмот ја преиспитуваме храброста, поточно илузијата што ни била претставена од возрасните мажи кога сме биле деца. Сакамe да фрлиме светлина за тоа како е претставен концептот на машкоста на Балканот и пошироко, вели режисерот на филмот Ѓорче Ставрески
Заврши снимањето на филмот „Дали си маж?“ на Ѓорче Ставрески, кој во моментов е во постпродукција. Станува збор за краток филм, по сценарио и режија на Ѓорче Ставрески, во продукција на „Минимал колектив“. Снимањето се одвиваше на повеќе локации во Скопје, во периодот од 3 до 8 октомври минатата година.
– „Дали си маж“ е краток игран филм за судирот на едно дете со иронијата на животот. Марко има седум години, ја сака математиката и живее дома со својата самохрана мајка. Една вечер, од еден постар сосед добива задача што ќе го промени неговиот живот. Лајтмотивот на филмот се моите спомени. Филмот е инспириран од вистинска случка и се обидував да се сетам на што е можно повеќе детали од моето детство. Со филмот ја преиспитуваме храброста, поточно илузијата што ни била претставена од возрасните мажи кога сме биле деца. Сакамe да фрлиме светлина за тоа како е претставен концептот на машкоста на Балканот и пошироко – изјави Ставрески.
Филмот е во завршна фаза.
– Филмот е при крај. Завршивме со монтажа. Сега нè чека постпродукцијата на сликата и звукот, кои ќе се доработат во Белград. Филмот е македонско-српска копродукција – дополнува Ставрески.
Директор на фотографија е Наум Доксевски, сценограф Симо Бранов, костимографка Жаклина Крстевска, шминка Жанета Димитриевска, снимател на тон Бојан Паликуќа. Монтажата ја изработи Мартин Иванов. Главната улога во филмот ја игра седумгодишниот Данило Ивановски, а во другите улоги се Душица Настова, Сашко Коцев, Драгана Костадиновска, Александар Микиќ, Анастасија Ласовска и Ѓорѓе Нешковиќ. Кастинг-директорка е Билјана Драгиќевиќ Пројковска. Филмот е копродукција помеѓу Македонија и Србија. Продуцентка е Ивана Шекуткоска, а копродуцентка Андријана Софраниќ Шуќур.
На прашањето каков фестивалски живот му посакува на филмот, Ставрески вели дека фестивалскиот свет е многу различен и сè повеќе се фаворизираат таканаречени експериментални кратки филмови.
– Нашиот филм е со класична нарација и во тој контекст ќе се обидеме да најдеме соодветен фестивал – вели Ставрески.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија.