Со монодрамата „Само глас“ на Македонскиот народен театар синоќа во Битола свечено беше отворен 23-от Интернационален фестивал на монодрамата.

– Градот на конзулите бил и ќе биде достоен домаќин на многубројни врвни културни настани, меѓу кои е и овој Интернационален фестивал на монодрамата. Во 7-те фестивалски денови на сцените на Центарот за култура и Битолскиот народен театар публиката ќе има можност да проследи монодрами со учесници од 11 земји. Многу врвни актерски имиња не си дозволиле да стапнат на чувствителниот терен на овој специфичен театарски жанр. Веројатно зашто на монодрамата е полесно да ѝ се даде дефиниција отколку да ја изведете и да го задржите вниманието на публиката, особено по овој период во кој дозивеавме многу монодрами во пандемичниот живот на дистанца. Затоа да им подариме достојно внимание, бидејки монодрамата е предизвик и искушение дури и за најдобрите актери  – порача министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, по отворањето на фестивалот.

На годинашниот фестивал на Монодрамата во Битола кој се одржува под мотото „Помеѓу“ ќе бидат изведени 13 монодрами од 11 држави во светот.

За седум дена, колку што ќе трае фестивалот во Битола, ќе бидат прикажани монодрами од Велика Британија, Ерменија, Хрватска, Шпанија, Азербејџан, Полска, Израел, Бугарија, Молдавија и од Романија. М.М.