Вечерва, во 19 часот, на сцената на Театарот за деца и младинци – Скопје, ќе се случи праизведба на претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ од светски познатата авторка Астрид Линдгрен, а во режија на гостинот од Чешка, Јакуб Максимов.
– Станува збор за текст што досега не е поставуван во форма на театарска претстава за деца во нашата земја и особено сме среќни што направивме за првпат нешто сосема различно и оригинален театарски продукт наменет за деца над шест години – велат од Театарот за деца и младинци.
Приказната е полна со акција, а адаптирана е во куклена претстава со многу ритмични и музички секвенци.
– Драго ми е што имав можност да работам со овие актери, со оваа екипа. Беше голем предизвик, но нивниот влог е голем. И покрај техничките пречки, на еден минималистички начин успеавме да изградиме еден посебна приказна и многу ми се допаѓа тоа. Им благодарам на сите, на овој театар, и го потенцирам влогот на Ангела Димитрова, која се гледа дека е актерка во вистинската смисла и одлично ја изведе својата дополнителна задача. Свири на виолина и ги води своите колеги во пеењето и одржувањето на ритамот – изјави Јакуб Максимов, режисерот на претставата.
Според директорката на театарот, Катарина Илиевска Силјановска, претставата ќе донесе оригинална свежина во репертоарот. Во самата претстава актерите играат, водат кукли, пеат, свират и колективно создаваат едно оригинално сценско дело.
– Јакуб Максимов, кој дипломирал и магистрирал на Академијата за драмски уметности во Чешка, беше поканет прво да одржи работилница во нашиот театар, а потоа и да ја режира претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“. Чест ни е и задоволство да сме домаќини на ваква авторска екипа. Секој ден дишеме и живееме со оваа претстава, и кога легнуваме и кога стануваме – потенцира Илиевска Силјановска.
Драматизацијата за претставата е на Горјан Милошевски.
– И покрај тоа што има ограбувачи и во самиот наслов на ова дело, сепак е приказна што во голем дел се фокусира на две необични детства. Тие две деца покажуваат колку е битно да се градат и одржуваат „мостови“ во животот. Екипата е меѓународна и тоа дава сосема поинаква слика, спој од германска прецизност што постои кај Јакуб и балкански дух кај македонскиот дел – вели Милошевски.
Во претставата играат: Матеа Јанковска, Ангела Димитрова, Никола Наковски, Катарина Илиевска-Силјановска, Петар Стојанов, Мики Анчевски. Сценографијата, дизајнот на куклите, маските, костимите и дизајнот на плакатот и брошурата се авторско дело на Олга Зјебинска од Полска. Композитор и корепетитор е гостинот Лазар Новков од Србија. Првата реприза е закажана за утре, од 19 часот.