Дурмиш Ќазим, уметник

Дурмиш Ќазим е уметник од Скопје, чија самостојна изложба „Дурмиш Ќазим уметникот Ром и неговиот магичен суреалистичен свет“ ќе биде отворена од денеска до 27 април, во Миграцискиот музеј во Брисел. Ќазим (р. 1983 година) дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности во 2011 година во класата на Жарко Башески. Потекнува од ромско семејство, од 2011 година живее во Брисел, Белгија. Во неговата уметност, мислите и чувствата го поттикнуваат внатрешното што води до лично ослободување и будење на идејата инспирирана од ромскиот народ и традиција. Преку сликарството ги спротивставува на стереотипите, предрасудите и дискриминацијата на ромската култура. Член е на ДЛУМ и на ДЛУБ.

Каква изложба подготвувате пред бриселската публика?
– Во Брисел ќе изложувам дела насликани во периодот од 2019 до 2022 година, во техниката сув пастел и маслени бои. Ќе бидат изложени 14 слики во Миграцискиот музеј во Брисел. Многу сакам да сликам портрети. Моите дела се провокативни, не се плашам да го кажам она што ми лежи на срце, па дури и да претрпам секаков вид штета. Имам храброст и инает да станам најдобрата од сите мои верзии.
Колку е Брисел отворен за ромската ликовна сцена?
– До соработката дојде преку „Рома динст“ од Брисел, кои ме претставија на Миграцискиот музеј и од таму ме поканија да реализирам самостојна изложба. Не е првпат да се претставам во Брисел. Од досегашното искуство публиката е заинтересирана за ромската и за македонската ликовна сцена. Оваа изложба за ромската заедница значи многу, бидејќи отворањето е на 8 Април – Интернационалниот ден на Ромите.
Насловот на изложбата е „Дурмиш Ќазим уметникот Ром и неговиот магичен суреалистичен свет“, зошто беше важно да се потенцира дека сте припадник на ромската заедница?
– Секој уметник е магионичар што во своето ателје експериментира со боите. Инспирацијата во мојот случај се симболите. Важно е да се потенцира тоа што сум Ром бидејќи тоа е мојот заштитен знак, тој ромски идентитет, а пред сѐ тоа што имам мисија да ја претставувам ромската заедница како наследник на работата на мојата покојна баба Есма Реџепова, но во еден поинаков уметнички израз. Моите дела имаат една порака – доста со стереотипи и дискриминација на ромскиот народ.
Вашите дела неретко се инспирирани од ромската традиција…
– Ги прикажувам Ромите во вистинското светло, сакам да ја претставам нивната стварност, кои во очите на светот живеат во суреалистична маргинализирана перспектива. Преку сликарство ја продолжувам борбата и на мојата баба Есма, следејќи ги нејзините стапки. Потребно е унапредување на ромската култура. Најважно, пред сѐ, ни е потребен културен дом во најголемата ромска населба во Европа, Шуто Оризари.
Каков белег сакате да оставите врз ромското творештво, уметност, култура?
– Моите аспирации како уметник не се скромни, бидејќи како прв Ром дипломиран на ФЛУ немам што да одбирам, освен целосно да се покорам на уметноста. Прашањето е да се биде или не. Би сакал да оставам свој печат врз ромската уметност, да бидам уникатен и незаборавен, но тоа не се постигнува со зборови, туку со работа.