Вечерва ќе биде отворена ретроспективна изложба на Јана Манева-Чупоска, во 19.30 часот, во националната галерија „Мала станица“. Изложбата се состои од над сто дела, изработени во повеќе медиуми: цртежи, колажи, масло на платно, акрил, видеоарт, фотографии и опфаќа триесет години творештво, вклучувајќи и дела од студентските денови на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Кураторка на изложбата е историчарката на уметноста Маја Чанкуловска.
– Речиси е невозможно со неколку реченици да се претстави комплексното и повеќеслојно творештво на Јана Манева-Чупоска. Како мултимедијална уметница што еднакво успешно се реализира во повеќе ликовни, односно визуелни дисциплини/форми: цртеж, сликарство, колаж, инсталација, моден дизајн, видео, перформанс… Инкорпорирајќи ги знаењата од сите наведени области, таа смело создава синергија на спротивставени елементи, истражувајќи ги границите на секој медиум одделно и на сите заедно. Можеби синтагмата како „единство на контрасти“ би била суштински момент за толкување на нејзините сѐ покомплексни дела, што се потврдува во речиси сите нејзини креации – вели кураторката, според која, делата на Јана Манева-Чупоска, и покрај сериозноста на темите и отсликувањето различни емотивни состојби, суштински отсликуваат позитивен и свеж однос кон уметноста и животот, кои во нејзиниот пример континуирано се преплетуваат.