Промоција на книгата „Празно место“ од Снежана Стојчевска ќе се одржи утре (25 ноември) во Културно-информативниот центар со почеток во 19 часот.

Книгата ќе ја промовира Љупка Антеска, стихови ќе читаат Катерина Гогова, Биљана Стојановска и Долорес Атанасова-Лори, а музичката поддршка ќе биде од Владимир Стојчевски, Калин Маловски и Максим Киранџиски.

– „Празно место“ е книга за загубата, за љубовта, за семејството, за секојдневието, за проблемите, за пандемијата, но и за радоста која произлегува од конекцијата со блиските луѓе. Покрај овие теми, отвора прашања и за минливоста на времето, за материјалното и духовното постоење, како и за самата поезија, како начин да се обезбеди вечност – стои во рецензијата на книгата.

„Празно место“ е во издание на „Современост“.

фото: Приватна архива

Снежана Стојчевска (1980) дипломира на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје.
Во 2012 година ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ (Или-Или). „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ за 2013 година, која ја доделува Домот на културата Кочо Рацин – Скопје. По нив следуваат поетските книги „Модри фантазии“ (Темплум, 2015), „Треба да е лесно“ (Антолог, 2017), „Ќе се завијам во песни“ (МИ-АН, 2019).
Застапена е во повеќе антологии на младата македонска поезија, како и во изданија на меѓународни фестивали.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Член е на организацискиот одбор на Скопски поетски фестивал, чие прво издание се одржа во септември 2021 година.
Од април 2022 година ја извршува функцијата директор на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.