„Киука – пред летото да заврши“, во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Македонија и е поддржан од Агенцијата за филм, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал, како дел од 32. издание на програмата АЦИД, што ќе се одржи од 15 до 24 мај годинава. На „Киука“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис, со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, додека „Херетик“ од Грција е главен продуцент, со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – пред летото да заврши“ е приказна за едно тричлено семејство, кое, како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, додека долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на АЦИД (Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува девет долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од целиот свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, додека постпродукцијата се работеше на релацијата Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студијата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.