Во рамките на осмото издание на фестивалот за критичка култура „Крик“, годинава тематски насловен „Заробени во слободата“, професорот Андреј Мирчев одржа предавање на темата „Иконокластични изведби: Кон агонистичка политика на слики“. Предавањето го обмислува мачниот однос помеѓу уметничките практики и современата политика обележана со неолиберална амнезија.
– Во контекст на тековните културни војни, актите на кршење на сликите означуваат субверзивни тактики за нарушување на циркулацијата на неофашистичките идеологии усогласени со територијалната логика на капитализмот, патријархалното и колонијалното насилство. Во исто време, упорното уништување на социјалистичките споменици е една од одлучувачките алатки на историскиот ревизионизам по падот на Берлинскиот ѕид. Деконструирајќи ги симболите и претставите на моќта, овие чинови го оспоруваат неолибералниот јавен простор изграден околу исклучувањето на другоста, но може да доведат и до негово зацврстување – вели Мирчев, професор, драматург и визуелен уметник и гостувачки професор на Универзитетот за уметности во Берлин.