Од Сараево за „Нова Македонија“,
Екатерина Лазаревска и Александра Лашкова
И оваа година, како дел од 28. Сараевски филмски фестивал (СФФ), се одржа настанот насловен „Денот на човековите права”. Тоа беше четиринаесеттото по ред издание на „Денот на човековите права” во рамките на СФФ и беше одбележано со специјална трибина на тема: „Каде е правдата? ”
Интересниот документарен филм „Случај на нова величина” на Ана Шишова послужи како основа за развивање панел-дискусија во која учествуваа филмски автори и филмски протагонисти. Панелот беше исклучително плоден, а беше модериран од филмскиот критичар Тју Стин Милер.
За издвојување е дека годинава, Сараевскиот филмски фестивал ја прошири програмата за Денот на човековите права, вклучувајќи „Работилница за денот на човековите права” со млади активисти на возраст од 18 до 25 години не само од Босна и Херцеговина, туку и од целиот Западен Балкан. Четиринаесеттото издание на „Денот на човековите права“ како дел од 28. Сараевски филмски фестивал се одржа под покровителство на Кралството Холандија .
За крај, го издвојуваме и краткото сиже на документарниот филм на Ана Шишова, „Случајот на нова величина”: Ања беше како и секоја друга тинејџерка која сонуваше да го подобри својот живот и животот во Русија. Но, таа под чудни околности беше уапсена во март 2018 година и осудена на затвор под обвинение за формирање екстремистичка група, со цел насилно соборување на владата. Во следните три години нејзината мајка Јулија очајнички се борела за да ја докаже неоснованоста на обвинението и пресудата против нејзината ќерка. Борбата за правда ја претворила мајката Јулија од аполитичен граѓанин во страстен активист за човекови права…